Актуелно

Доделено признанието „Остенов уметник на 2025“ на Блаже Крстаноски-Блажески

Во организација на Остен, годинава по 80-ти пат се одбележува традицијата на оваа реномирана уметничка институција (1945–2025), а признанието „Остенов уметник на годината 2025“ му е доделено на Блаже Крстаноски – Блажески.

Блаже Крстаноски – Блажески е уметник кој живее и твори во Сиднеј, Австралија, а по потекло е од Македонија, од регионот на Дебрца. Неговото творештво претставува спој на македонската културна традиција и современите ликовни текови во Австралија. Долги години активно создава на австралиската уметничка сцена, реализирајќи самостојни и групни изложби, при што неговите дела се препознатливи по изразената експресивност, симболиката и специфичниот авторски ракопис. Во неговиот опус се застапени слики, цртежи и објекти, а темите често се инспирирани од идентитетот, миграцијата и духовното наследство.

По тој повод, ќе се одржи групна изложба на слики, цртежи и објекти, на која покрај лауреатот ќе учествуваат и еминентни уметници од македонската ликовна сцена: Жанета Вангели, Мице Јанкуловски, Синиша Кашавелски, Свето Манев, Миро Масин, Ристо Мијацоски, Томе Мишев, Данчо Ордев, Станко Павлески, Ирена Паскали, Симонида Филиповска Китаноска и Роберт Цветковски.

Во рамки на настанот, Ана Трајковска ќе ја добие наградата за млад уметник од Фондацијата Јанкуловски.