Хорека проектот е соработка на Ј.П. “Охридски комуналец” и SALAR International од Шведска, во рамките на проектот “Одржливо управување со отпад на локално ниво”. Како дополнување на општинските заложби за воспоставување на систем за одржливо управување со отпад веќе неколку месеци работевме на отпочнување на примарна селекција во Хорека индустријата (хотели, ресторани, кафулиња) во Охрид.
Девет хотели покрај охридското крајбрежје добија инструкции, обука на персоналот и материјали за спроведување на примарна селекција во нивното работење. Селекцијата на отпад во хотелите и другите угостителски објекти како едни од најголемите создавачи на отпад е клучен дел во успешно спроведување на системот.
Во следниот чекор за воспоставување на примарна селекција на отпад во угостителските објекти ќе бидат вклучени бизнисите покрај шеталиштето со план за проширување на останатите објекти покрај охридското крајбрежје.
Моделот на работење којшто ќе се воспостави во Охрид ќе може да се реплицира во другите градови во регионот, особено во туристичките центри како Струга, Крушево итн.
Овие активности се комплементарни на активностите за проширување на мрежата од домаќинства коишто ќе бидат вклучени во системот за примарна селекција на отпад со основна цел за покривање на целата општина.
Комплексноста на процесот како и фактот дека овој начин на работа се спроведува за прв пат на територијата на Охрид подразбира потреба од флексибилност и разбирање од сите чинители. Но, со заеднички напори, поддршката којашто ја добиваме од државата и разбирањето за важноста на промените од страна на сите учесници, оваа трансформација кон подобри пракси ќе биде успешна.
Благодарност до сите партнери во овој процес.











