АктуелноОхрид

Трудовиот инспекторат ќе поднесе кривични пријави против две фирми за смртта на младиот Кристијан Љушев

За стравичната трагедија, во која при пад во отвор за лифт загина 28-годишниот охриѓанец Кристијан Љушев, Трудовиот инспекторат ќе поднесе кривични пријави против две фирми, објави ТВ Алфа.

По двонеделното темелно истражување на околностите, трудовите инспектори утврдиле дека двете фирми не ги исполнувале законските прописи за безбедност при работа на градилиште, но во интерес на истрагата, не се открива за кои фирми станува збор.

Младото момче, кое работело во фирма за уредување на ентериери, настрадало додека со колега носеле дел од лежај долг речиси два метра во зграда која била во изградба. Инспекторите времено дале забрана за работа на градилиштето за сите правни субјекти – инвеститор, изведувач и надзор.

Неколку дена пред трагедијата, таткото на Кристијан отишол да му го однесе паричникот. Тој пренесува во каква состојба била зградата на која се работело.

– Јас се качив, влегов слободно во таа зграда, во тој влез до втор кат некаде. На скалите му го дадов новчаникот и прво што приметив, со мојата возраст и некое искуство во животот, е дека има отвори во зградата, дупки на лифтовите, огради нема. Прво, мене ме фати страв и веднаш му реков на син ми: пазете се, ова страшно е. Очекувам правда за детето. Детето не може никој да ми го врати назад, но треба да има една правда, да се знае дека некој одговарал – вели Валентин

alfa.mk

фото-архива