АктуелноОхрид

Јубилеј од 20 години на подрачното државно музичко училиште „Тодор Скаловски -Тетоец“ Струга

Подрачното училиште на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга ја започнува јубилејната година по повод 20 години од своето основање, под мотото „20 години – Заедничко патување кон нови хоризонти“.
Овој јубилеј е повеќе од бројка – тој е повод за ретрспектива, уважување на сегашноста и поглед кон иднината што ја градиме. Идејата за основање на училиштето произлезе од визијата и посветеноста на група професионални музички дејци од Струга, меѓу кои особено значајна улога имаше професорот на Државниот универзитет во Тетово, Сељами Колоња. Таа идеја беше реализирана во соработка со тогашниот министер за образование и наука, Азис Положани, тогашниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко со Советот на општината и тогашниот директор на училиштето, Ивица Зориќ, кои ги поставија темелите на една препознатлива образовна и културна приказна што и денес инспирира.
Низ годините, училиштето се развиваше и созреваше благодарение на посветеноста и ангажманот на наставниот кадар и колегите, кои беа водени од раководителите Сељами Колоња, Алтин Зиба и Димитри Кумбароски, како и со институционалната поддршка на директорите на централното училиште во Тетово – Симона Зафироска, Ираклис Георгиадис, Љупчо Перински и Новица Соколовски. Со нивната заедничка работа, училиштето прерасна во препознатлив регионален центар, без кој денес не може да се замисли културно-уметничкиот живот во поширокиот регион и во државата.
Најголемата гордост на училиштето се неговите ученици – генерации млади луѓе кои преку музиката ги обликуваа своите личности и професионални кариери. Особено сме горди на оние кои своето музичко образование го продолжија на музичките факултети во земјава, како и на реномирани меѓународни институции, меѓу кои Државен универзитет во Виена, Berklee College of Music, Универзитет за музика во Хановер, како и музичките универзитети во Тирана, Белград, Софија, Љубљана и на многу други места.
Со ова симболично ја отвораме јубилејната година и Ве покануваме да бидете дел од настаните што следуваат
Со почит,
проф. д-р Димитри Кумбароски
Раководител на дисперзираните паралелки на Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга