АктуелноОхрид

Послание од Св. Климент Охридски за Христовото крштение

Да знаете, браќа, дека во овој ден е пост пред крштението Христово во водата. Да се соберете во црква во шестиот час, зашто во него Господ, нашиот Бог, дојде на јорданските води за да ги потопи во нив гревовите на нашиот оветвен род, и Својата глава ја приклонува пред слугата, сакајќи да ги очисти нашите гревови.
Затоа и ние, браќа, имајќи таков милостив Владика, да не бидеме мрзливи, туку да Му се молиме во сите денови за своите гревови што сме ги направиле – едни во пијанство и во лажење, други во лакомство и крадење. И за се ова ќе даваме одговор пред Бога на страшниот Христов суд, или слуга, или слободен, или богат и сиромав. Тука судот ќе биде според заслугата, а не според надворешниот изглед, и никој никому не ќе може да му помогне – ниту татко на син, ниту мајка на ќерка, ниту брат на брат, ниту слуга на господар, туку секој ќе биде оправдан или осуден според своите дела. Затоа, браќа, да не ги криеме нашите согрешенија, туку да ги исповедаме пред отците и да се покаеме. Ако, пак, овде ги затаиме, тогаш ќе му приредиме голема радост на ѓаволот. Ако, пак, овде ги исповедиме, тогаш на ѓаволот ќе му приредиме плач, а на Бога – радост. Зар Господ не рече: „На небото ќе биде поголема радост за еден грешник кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници кои немаат потреба од покајание“. И ние, браќа, кога еднаш ќе паднеме во грев, не треба да останеме во него до смртта и да додаваме и други гревови, туку што поскоро да се ослободиме од него, очистени да просолзиме, исповедајќи се, викајќи кон Бога и говорејќи: „Господи, згрешив пред небото и пред Тебе, и не сум достоен да се наречам Твој син, но прими ме како еден од Твоите наемници, и прости ми ги моите гревови“.
Никој од нас да не се сомнева во своето срце и во својата мисла дека секој (човек) ќе воскресне од мртвите и дека секој ќе одговара за своите дела. Да, браќа, секој од нас ќе одговара за своите дела, и за помислите и за зборовите. Зашто Синот Божји дојде при нас за да ги разруши делата на ѓаволот, и ни го покажа патот на спасението преку покајание, и со Својата смрт ја уништи смртта. Господ постојано нѐ вика во Своето царство, преку Светите книги. Да не се лишуваме од него поради привремени наслади, зашто Он пак ќе дојде за да им суди на живите и на мртвите, и да даде секому според неговите дела. Ние можеме да речеме дека тоа ќе се случи подоцна! Но Господ за тој ден рекол дека никој не знае кога ќе настапи, ниту ангелите Божји, туку само Отецот. Затоа Он рече: Секогаш бидете подготвени за одговор, за да можете да ги избегнете сите зла, и да застанете пред Синот Божји непосрамено, славејќи Ја Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
Свети Климент Охридски