Во врска со настанатата состојба, денеска одржав состанок со Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид, на кој покрај претставници од јавната администрација присуствуваа претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, Јавните претпријатија, Противпожарната единица од и сите останата надлежни институции.
На состанокот беше извршено мапирање на критичните точки и беше направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача.
На располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, се делува координирано и состојбата постојано се следи. На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици.
Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.











