Во присуство на Митрополитот Дебарско -кичевски г. Георгиј, како и бројни свештени лица, градоначалникот на Струга , родители и љубители на христијанските вредности вечерва во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга беа заоркужени јубилејните 5 години од делувањето на Православната младина- Парохија Вранишка во рамките на христијанската вера.

Во време на духовни и општествени предизвици, православната младина при вранишката парохија се истакнува како силен и жив пример за млади луѓе кои свесно и посветено го чуваат православниот идентитет и христијанските вредности.

Преку редовно учество на светите богослужби, духовни средби, разговори и заеднички молитви, младите верници активно се вклучени во животот на Црквата. Нивната посветеност не се ограничува само на присуство, туку се изразува и преку конкретни дела на љубов, солидарност и хуманост.
Вечерва во Центарот за култура „Браќа Минадиновци“ во Струга Православна Младина цврсто го втемели своето пет годишно опстојување во христијанската вера и делување во Парохијата во село Враништа.

Како што истакна во своето обраќање Отецот Ристе Наумоски кој е главниот водач и иницијатор за ваквото пет годишно опстојување на Православната младина, се започна од искрената желба на младите да го пронајдат и зачуваат своето место во Црквата.
Со благослов и духовно раководство на парохискиот свештеник Отец Ристе, православната младина учествува во организацијата на црковни празници, културно-духовни настани и хуманитарни акции насочени кон помош на семејства во социјален ризик. На тој начин, младите ја сведочат верата преку дело, следејќи го Христовиот пример на пожртвуваност и љубов кон ближниот.

Активностите на православната младина имаат значајна улога и во зајакнувањето на заедништвото во локалната заедница, создавајќи простор за духовен раст, дијалог и меѓусебна поддршка меѓу младите. Особено тука се вметнуваат традициите кои се негуваат како Ѓурѓовденската литија, Бадниковите поворки кои се организрираат на високо ниво.

На настанот со свои изведби се претставија членовите од Православна Младина, беше изведен и рецитал под наслов „Пет години -светлина“ а дополнително настанот беше збогатен и со гости од Подгорица, Р. Црна Гора, децата од вероучилиштето при Соборниот храм „Воскресение Христово“.
Oд страна на Косте Костески беше изведена легендарната нумера „1762 лето“, додека пак тропарот за Св. Климент беше во изведба на теологот Сашо Ванчоски.


Православната младина при вранишката парохија е јасен доказ дека христијанската вера живее и се пренесува и меѓу младите генерации. Тие се верни чувари на духовното наследство и сигурна надеж за иднината на Православната Црква.

Дополнително настанот беше акцентиран со присуството на Митрополитот г. Георгиј кој воодушевен од целокупната вдахновеност на младите, само ги изрази своите емоции дека ваквата активност е со голема поддршка од негова страна и даде заложба за понатамошно уште посилно делување на младите во и кон Христијанската вера.













