На 25.12.2025 година ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ одбележа 59 години од постоењето на училиштето и патрониот празник.
ДиректоротСашо Недески во своето обраќање истакна:
– Со голема чест и задоволство денеска сме тука, заедно, да го одбележиме патрониот празник на нашето училиште – ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.
Името на нашето училиште го носи споменот на големиот просветител, светител и човек кој со своето дело ги осветли патиштата на образованието, културата и духовноста. Свети Наум Охридски, како дел од Охридската книжевна школа, остави траен белег во историјата на нашиот народ и создаде основа за иднината на словенската писменост.
Како училиште, ние сме горди што го носиме неговото име, име кое симболизира знаење, мудрост и напредок. Наша мисија е да ги следиме неговите идеали и да создадеме генерации млади луѓе кои ќе бидат подготвени да го носат духот на иновацијата и хуманоста во современиот свет.
Почитувани ученици, вие сте нашата иднина и продолжение на оваа светла традиција. Вашите успеси се наши успеси, и токму затоа сме тука да ве поттикнеме, да ви дадеме поддршка и да ве насочиме кон вистинските вредности.
Денеска, освен што оддаваме почит на Свети Наум, го славиме и трудот на сите кои низ годините дале свој придонес за развојот и успехот на нашето училиште – наставниците, учениците и соработниците.
Неговото дело и денес ни испраќа порака – порака за љубов, единство и просветителство. Нашата обврска е да го почитуваме и чуваме она што ни го оставил во наследство и да го пренесуваме на идните генерации.
Голема е честа и одговорноста да сме дел од процесот на воспитување и образование на младите кои се иднината на нашето општество.
Нека Свети Наум ни биде пример и инспирација, и нека неговото име продолжи да ја осветлува нашата патека кон знаењето, истакна директорот.











