Бројни пријатели, почитувачи на фотографијата и вљубеници во Охрид вечерва во „Младинскиот Центар“ во охридската Касарна присуствуваа на отворање на првата самостојна изложба на фотографии на охриѓанецот Петар Паунче- Скитник, насловена „Убавините на езерото, градот и спортот“.
Преку оваа изложба на едно место ќе ја доживеете смеата, тагата, возбудата, мирот и пред сѐ љубовта кон малите и големите нешта што животот и природата ни го даваат. Ова е самостојна изложба на еден човек кој, не само што фотографира, туку чува светлина, нашиот Петар Паунче- Скитник, истакна пред присутните познатиот охридски режисер Илија Пиперскоски, кој беше промотер на изложбата.
– Во секоја негова фотографија не гледаме само кадар, туку чувство. Езерото не е само вода-туку дише. Градот не е само фасада-туку историја. А спортот не е само движење-туку енергија, младост, живот. Темата на изложбата „Убавините на Езерото, Градот и Спортот“ е всушност и неговата животна тема. Петар не фотографира за да документира, туку за да ги поврзе: минатото со сегашноста, мигот со траењето, човекот со природата. Како последен член на една славна фотографска фамилија од Охрид, Петар со своето дело создава мост, не само меѓу генерации, туку и меѓу сенки и светлина, тишина и движење, истакна Пиперкоски.












