На меѓународниот турнир во борење слободен стил „Трофеј штипски боречки асови“, кој минатиот викенд се одржа во Штип, охридскиот боречки клуб БК Аждер настапи со три борачи – Лука Колевски, Антонио Војнов и Иван Симоновски.
Охридските претставници прикажаа одлични борби и висок натпреварувачки дух, при што во финалните борби се пласираа Лука Колевски и Антонио Војнов, со што уште еднаш го потврдија квалитетот и континуитетот на успесите на клубот. Настапот во силна меѓународна конкуренција претставува значаен успех за младите борачи од Охрид.
Тренер на охридските борачи е Илија Спасески, под чие водство клубот редовно настапува на меѓународни турнири, каде што се соочува со врвни борачи од регионот и пошироко. Токму тие настапи во силна конкуренција придонесуваат успесите на БК Аждер да се нижат од турнир на турнир.
Вреди да се истакне дека борењето во Охрид е релативно нов спорт, а борачите кои денес ги бранат боите на клубот Аждер претставуваат прва генерација охридски борачи во историјата. Тие се создадени со самото оформување на клубот, што овие резултати ги прави уште позначајни за развојот на борењето во градот.
На турнирот во Штип, покрај македонските борачи, учествуваа и клубови од Србија, Бугарија, Косово, Грција, Албанија, Турција и Романија, што дополнително ја нагласи тежината и вредноста на постигнатите успеси од страна на охридските борачи.
БК Аждер кој работи заедно со фитнес центарот Фитбокс има најдобри услови за тренинзи на професионални спортисти и рекреативци.













