Денес, во домот на словото и духовноста, Охрид, на покана на директорката Христина Трпеска, сведочевме на еден тивок, но длабоко значаен чин: враќањето на „Пчињското изборно евангелие“ во неговото вистинско прибежиште – Библиотеката „Григор Прличев“.
Овој ракопис, создаден во последната четвртина на XVI век, е најстарото и едно од највредните сведоштва од редок фонд на нашата Национална установа.
Благодарение на визијата на истражувачот Михајло Георгиевски и посветеноста на нашите професионалци и конзерватори, Евангелието е спасено, заштитено и денес повторно дише меѓу охридските ѕидини.

Во чест на ова враќање, промовиран е и нов Каталог што ги претставува фактите, фотографиите и истражувањата поврзани со овој непроценлив ракопис, како и со богатството на охридскиот редок фонд.
Библиотеката „Григор Прличев“ денес е многу повеќе од институција, таа е жив организам на духот, чувар на над 100.000 книги и симбол на љубовта кон знаењето.
Како Министерство за култура и туризам, ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја установа што со љубов и посветеност го чува културното наследство на Македонија.
Охрид повторно ја потврди својата суштина, град на книгата, зборот и вечноста.











