Филмот „Христијанството во Струга“ претставува документарно патување низ трите најзначајни христијански празници во градот Струга — од Светото Богојавување (Водици), преку славното Христово Воскресение (Велигден), па сè до Еордијата – Литијата со моштите на светиот маченик Ѓорѓи, истакнува Менкиноски за своето најново филмско достигнување.
Во ексклузивен разговор за Охрид1 , тој открива како дошол до идеја за снимање на едно вакво трајно дело, колку време се снимало со оглед на тоа што трите клучни настани кои се опфатени во документарецот се одвиваат во посебни времески етапи од годината.
Овој документарец е структуриран во три поглавја, секое посветено на еден празник, со наратор кој ја води публиката низ приказната за верата, традицијата и духовноста што живее во секој агол на Струга.
Според Менкиноски мотото на филмот гласи:
„Од светото Богојавување, со славното Христово Воскресение, па сè до Еордијата со моштите на светиот маченик св. Ѓорѓи. Заедно со монаштвото, свештенството и верниот народ.“
Охрид1: Од каде потекна идејата за снимање на едно вакво документарно дело?
– Идејата за документарниот филм „Христијанството во Струга“ произлезе од мојата желба да го прикажам духовното и културното богатство на мојот град, Струга, во кој што долги години се трудам да направам по некоја скромна фотографија или по некој видео запис. Секој празник, секоја традиција и обичај има своја длабока приказна, а токму тие моменти ме инспирираа да создадам еден скромен документарец кој ќе ги обедини сите тие вредности во едно целосно дело.
Охрид1: Чив беше поттикот да се направи едно вакво дело кое останува во трајност?
– Поттикот дојде уште во моите средношколски денови, инспириран од проектната задача на тема Урбана култура во Македонија, под менторство на проф. Гордана Чакареска до која што изразувам голема благодарност што несебично учествуваше во организацијата на овој филм, но со текот на времето прерасна од сценарио во нешто многу поголемо. Сакав преку камерата да покажам дека Христијанството во Струга не е само религија, туку начин на живот и дел од идентитетот на граѓаните. Исто така, упатувам голема благодарност до Соборниот Храм Св. Ѓорѓиј Победоносец во Струга, односно до поглаварот Отец Васко кој даде благослов да почнеме со снимање во Храмот и овој филм да стане реалност, како и до Бигорски Манастир што ме прифатија како дел од снимателите на Литијата.
Охрид1: Колкав временски период траеше снимањето бидејќи станува збор за верски празници кои се во одреден дел од годината?
– Процесот на снимање траеше многу долго или тоа е околу четири и пол години (првите дронски кадри од Литијата датираат од 2021 година), бидејќи филмот ги опфаќа најважните Богообразувачки празници и настани што се одржуваат во различни периоди од годината, а потребно беше да се снимаат истите по неколку пати и да се издвојат само најубавите кадри. Тоа ми овозможи да ја прикажам автентичноста на секоја прослава и духовната атмосферата која ја носи со себе секој момент.
Охрид1: Што претставува филмот општо за Струга?
– Филмот е направен со голема љубов и посветеност, како кон темата, така и кон луѓето кои се дел од неа. Се обидов преку визуелниот приказ да ја оживеам традицијата и духовноста на мојот град, и да оставам траен запис за идните генерации. Верувам дека овој документарец ќе придонесе за поголемо разбирање и почит кон нашите обичаи и верата која сите нам нè обединува.
Овој филм не е само документ за празниците — тој е визуелна молитва и потсетник на духовниот идентитет на Струга и нејзиниот народ.
На многаја лета!
Погледнете го документарниот филм:












