АктуелноОхрид

Владата со амандман да се повлече Нацрт -одлуката Охридскиот регион да се стави на листата на светски наследства во опасност

Владата ги задолжи сите членови на институциите кои моментално  присуствуваат на 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, преку координиран настап, заеднички да се поднесе амандман за да се повлече Нацрт-одлуката на Комитетот со која Охридскиот Регион се предлага да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност, кажа министерот за култура и туризам по денешната седница на Владата. Нацрт-одлуката е објавена и предвидува впишување во листата.  На 10 јули Комитетот по третпат ќе гласа дали Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност.

Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство на третата седница на УНЕСКО во 1979 година. Во 2019, ова подрачје е проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, и со тоа стана меѓудржавно светско наследство.

Денеска, 40 организации од регионот и од Европа објавија дека бараат од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност и така да се заштити од уништување. Тие бараат таа одлука да се донесе на 47. сесија на Комитетот за светско наследство која почна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Покрај останатото, во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.

 

 

Sdk.mk