Парадоксална одлука е донесена од страна на Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола, за неработен период на затворениот базен во Струга.
Имено според одлуката базенот нема временски да работи во периодот од 20,06 до 11.10. Во образложението стои дека базенот се затвора поради намален број на корисници.
Лавина од реакции на ваквата одлука има и од страна на родителите кои ги праќаат своите деца да ги користат услугите од пливачкиот базен, како и од пливачките клубови. Особено сега кога на само 15тина дена , на 12 јули е закажано Државното првенство во пливање.
-Каде ќе тренираат и ќе се подготвуваат нашите деца во пресрет на Државното пливачко првенство? Дали е ова некаква игра или намерно опструкција за децата да нема каде да тренираат? Зошто се случува ова токму во овој период?, се само дел од прашањата кои се поставуваат како од страна на родителите засегнати околу одлуката но и од сите пливачки клубови.
-Пливачкиот клуб „Акваспирит“ -Охрид, смета дека одлуката е крајно непрофесионална и е на штета на пливачите. Искрено се надеваме дека ќе се најде решение и ќе се овозможат услови за непрекината и континуирана работа, истакнуваат во својата изјава за Охрид 1 од Пливачкиот клуб „Акваспирит“ Охрид.
Затворениот пливачки базен беше отворен во ноември месец минатата година и важеше за место каде се собираат љубители на водените спортови од скоро сите возрасти, дури родители од Охрид на тренинзи ги носеа своите деца во овој базен.