АктуелноОхрид

Воскресението како повик: станете нова твар!

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Силни и суштествени зборови! Зборови со огромна преобразувачка моќ! Само во Христијанството, само во светлината на Евангелието, поимот Воскресение не е само збор, туку и нешто докажано и доживеано. Кога се поздравуваме меѓусебно со поздравот на победата Христос Воскресе, го изговараме тоа не како обичај или празна флоскула, туку како самиот темел, како сржта на сè: на верата наша, на животот, на светлината вечна. Оти само во Христа, само преку Неговото Воскресение, смртта – таа последна граница, таа најдлабока болка и бездна на човештвото – е надмината, преобразена и конечно победена. Смртта, којашто ја чувствуваме како длабоко отуѓување, како нешто што не припаѓа на човекот, нешто неприродно, нешто спротивно на она за што сме создадени. Затоа и човештвото се бунтува против неа. Ја мрази смртта. И ете, таа најпосле е поразена со Востанувањето на Христа од царството на мртвите.

Да, Христос воскресна – и токму затоа, секој страв, секој очај, секоја сенка, секоја болка, добива нова димензија, променета, преобразена. Читаме во Евангелието, дури и Самиот Христос се соочува со смртта со длабока жалост, со солзи; Он, воплотениот Бог, плаче пред гробот на Својот пријател Лазар. И одеднаш повикува: Лазаре, излези надвор! И четиридневниот мртовец излегува жив од гробницата. Ова не е само чудо. Ова е предвкус. Предвесник. Таинствен знак на она што ќе се случи со целиот свет при Второто пришествие, при востановувањето на невечерниот Осми ден на Воскресението.

Јас сум Воскресението и Животот, вели Господ. И навистина, Он не го воскресна само Лазара, туку и синот на вдовицата од Наин, и ќерката на Јаир, и сите оние што беа заспани со сон смртен, од Адама до последната душа, се повикани кон светлина, кон живот. Христос воскресна и со Него – новото создание започна. Ете, сè ново создавам (Откр. 21,5). Зашто Он не ја прими смртта како крај, туку ја разори со Својата смрт. Он навлезе во самото царство на смртта, во местото каде што од памтивек беа заспаните мртовци и влезе таму и сите ги разбуди. Го осветли Адот со Својата сила Божествена. Таму, во длабочините, каде што со векови чекаа Адам и Ева, пророците и праведниците, таму се спушти Неговата душа, но не како душа на мртовец, туку на Живоносец. И сите оттаму ги повика кон Себе. А потоа воскресна не само со душата, туку и со телото, за да го престави новото преобразено тело, обоженото тело, вечниот човек. И тоа тело денес седи оддесно на Бога Отецот. Не како идеја, туку како реалност. И токму затоа, сè што правиме во Црквата, сите свети Таинства – крштавање, пост, причест, љубов – е учество во тоа Воскресение. Секој крстен во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, веќе има залог на воскресение. Не како надеж, туку како стварност којашто допрва доаѓа. Секој Христијанин е повикан кон обожение, кон полнота, кон живот кој не знае за крај. Тоа е суштината на сè. Тоа е вистината за човекот.

Токму затоа денес се радуваме – не поради некаква идеја, не поради спомен, туку заради вистинското, суштествено присуство на Воскреснатиот Господ меѓу нас. Радост, која не се темели на емоција, туку на вистината. Имаме потврда, не од човечки збор, туку од Самото Божјо сведоштво, засведочено од светите Апостоли, од целата Црква, од самиот Свет Дух. Да, го запечатија Гробот, го чуваа со стража, сакаа со човечка сила да Го спречат Оној Кој дојде да ја разруши смртта. Но токму тоа нивно човечко осигурување се сврти против нив и стана доказ – за што? За тоа дека Христос воскресна не од некаков самотен гроб, туку од гроб запечатен и чуван, со сведоци. И гласот на тие сведоци одекнува низ вековите: „Го видовме Господа!“

И не само што воскресна, туку им се јави на Своите, на мироносиците и на учениците. Ја разби тагата, го победи стравот и ги исполни срцата на учениците со мир, со љубов, со една нова стварност – Царството Божјо. Тоа Царство не се воспоставува со сила, туку со крстот, со љубов, со самопожртвувано трпение и тишина. И ние денес, во оваа Божествена Евхаристија, не сме само слушатели, туку соучесници. Причестувајќи се со Телото и Крвта Негови, ние го живееме Воскресението, ние го предвкусуваме Животот што не престанува. Свети Јован Златоуст нè потсетува: верувајте, на секоја Литургија од самите раце Христова ви се предаваат телото и крвта Господови, како залог за вечниот живот. Он ни се дарува, за да нè направи сега, уште во ова тело, жители на Небесата.

Но за тоа, возљубени, потребна е будност, благодарност и одговорност. Да не бидеме, како што често стануваме, поткопувачи на нашата преубава вера со својот сопствен живот. Да не бидеме такви кои со својата немарност го попречуваат светот да Го види Христа. Бидејќи нашиот живот е сведоштво – и ако е мрачен, тогаш темнината нè покрива и нас и оние околу нас. Светот Го суди Господа според животот на нас Христијаните. А Христос сака и копнее да биде со нас. Да го отвори нашето срце и да го исполни со Својата светлина. И тоа е суштината на Воскресението – дека Бог не стои оддалеку. Тој не нè остава. Тој слегува, станува еден од нас, се раѓа како дете, станува човек. Доаѓа до самото дно на човечката отуѓеност, до Адот, и оттаму нè повикува. Да воскреснеме. Да бидеме живи во Него.

Сè е подготвено. Он ја отвори вратата. Сега останува нашето „да“. Нашиот одговор на љубовта. И ако го кажеме тоа „да“ со своето срце, тогаш чудото ќе се случи. Ќе станеме деца на Воскресението. Ќе станеме луѓе на светлината. Ќе станеме сведоци на Животот што не заоѓа.

Гледаме, возљубени, дека денес живееме во едно време на невидлива, но многу присутна тиранија. Не е веќе потребна физичка сила за да се зароби човекот – доволна е технократијата, доволни се сликите, звуците, екраните што нè одвојуваат од себе и од другите. Денес човекот живее, не толку во реалноста, колку во виртуелна проекција на себе – сè помалку вистински, сè помалку лично, сè повеќе „онлајн“. Не ги осудуваме, но гледаме дури и сега, на ова уникатно Пасхално бдение, луѓе со со телефони во рацете; наместо да учествуваат во духовниот амбиент и да се молат, очите им се вперени во екраните. Се чини, заборавивме што значи да се биде „овде и сега“, со другите, со себе, со Бога. Заборавивме што значи да се гледаме лице в лице, да се радуваме еден на друг, да го живееме заедништвото кое е самата суштина на Црквата. Оти Црквата не е идеологија. Црквата е заедница. Црквата е евхаристиска средба, со Бога и со браќата и сестрите. А ние, парадоксално, во ерата на комуникациите, престанавме вистински да општиме.

Но Христос, возљубени, не нè осудува. Он нè повикува. Повикот на Светата Пасха е токму тоа: враќање во вистината, враќање во реалноста, враќање во светлината, во животот. Ние Христијаните сме повикани да бидеме сведоци на таа светлина, да бидеме апостоли во своето време, не со празни зборови, туку со живот. Со тивка, но сигурна љубов. Со искрен однос кон ближниот. Со едноставен живот кој сведочи: Бог е тука. Христос воскресна. Ние сме оние кои сме го примиле светото крштение и тоа значи дека сме нова твар, ново создание. Христос не дојде само да нè утеши, туку да го преобрази целиот живот. Да го врати светот во неговото вистинско предназначение. И токму ние сме тие преку кои таа животворна светлина на Воскресението треба да се шири насекаде.

Да не заборавиме: светот пропаѓа од нашата неодговорност. Природата страда, бидејќи човекот заборави дека е поставен од Бога да биде добар управител, а не алчен тиранин. Да чува, а не сурово да експлоатира; да љуби, а не да уништува.

Но денес – денот на Воскресението – е ден на нов почеток. Како што рекол псалмопевецот: „Овој е денот, што го сотвори Господ: да се возрадуваме и возвеселиме во него“. Затоа ги држиме в раце овие свеќи – за сведоштво дека Христос е Светлина, и таа светлина нè просветлува сите. И ни дава живот и благодат. Нека Христовото Воскресение стане реалност во нашиот живот – не само еднаш во годината, туку секој ден.

На овој Празник не треба многу зборување. Самиот ден говори. Самиот ден, Пасхата Христова, ја испраќа најсилната порака, ако само имаме срце да ја слушнеме. Таа порака, возљубени, не е тивка. Таа крши коски, буди срца, распарчува карпи. Оти, Воскресението не е теорија, не е идеологија – тоа е настан. Тоа е Светлина што влегува во мракот, живот што влегува во смртта. Христос воскресна – и ништо веќе не е исто. Отворете ги срцата свои. Ослободете се од сè што е мртво во вас, сè што е привид, сè што е гревовна навика. Станете нова твар! Немојте да бидете заспани Христијани кои само го носат името Христијани! Да, и светот, и ние, и нашите ближни – сите сме веќе уморни од Христијани без Христос, од живот без светлина, од вера без преобразување. А Христос токму тоа го донесе – преобразување, нов живот, нов почеток. Да се биде Христијанин значи да се биде светлина во темнината, да се биде топлина во студот на светот, да се биде носител на надеж таму каде што другите гледаат безнадежност.

Навистина, би можеле да зборуваме до утрина, зашто ве гледам во огромно множество, со толку силен копнеж да слушате за Господа, така еднодушни, собрани околу Љубовта, околу Христа, зашто чувствуваме дека Он е тука – жив, воскреснат, меѓу нас. Но нека зборува благодатта на оваа ноќ, нека говори силата на Евхаристијата. Христос ни се дарува Себеси. Тоа е сè.

Бог да ве благослови сите, возљубени. Бог да ја благослови нашата Татковина, да го утеши овој свет кој е толку растргнат од немири и војни. Христос, Кој е Бог на мирот, нека го подари Својот мир во срцата, во домовите, во народите. И особено ви посакувам вистинско, живо, благодатно соединение со воскреснатиот Христос. Секоја Литургија е Пасха. Секое причестување е воскресение.

Христос воскресе!