Длабока тишина ја прободува оваа ноќ. Ветрот како да го задржува својот здив, а ѕвездениот сјај не успева да се пробие низ мрачното небо. Целото создание молчи пред делата што се извршуваат врз Создателот. Ова е ноќ на надумна љубов. Но и вечер на предавство. Христос им ги мие нозете на Своите ученици. Бог преклонува колена пред човекот. Љубовта се наведнува, смирението го прегрнува светот. Се извршува најголемата Тајна. А сè изгледа толку едноставно. Се прекршува лебот, кој од овој миг натаму веќе нема да биде само леб. Се налева виното, кое веќе нема да биде само вино. Тие се Он. Ние Го примаме Него: „Земете, јадете, ова е Моето Тело… Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја…“ Овие зборови не се само спомен, туку вечен Завет – печат на љубовта која не се штеди, туку се дава до последната капка Крв. Бескрвна жртва, во која се принесува Оној Кој Самиот се принесе. Христос – живиот Леб. Христос – Чашата на спасението.
А потоа, Гетсиманија. Местото на предвкусување на болката, градината каде што љубовта ја испива чашата на страданието. Во темнината на оваа ноќ учениците спијат, а Христос се моли. Неговата молитва го носи товарот на целото човештво: „Отче, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша, но не како што Јас сакам, туку како Ти“.
Со колкаво ли страдање Бог ја изговара оваа реченица? Синот Божји чувствува човечка болка, ни станува толку близок. Но, токму тука – во таа болка, во потта која се слева по Неговото лице како капки крв, се раѓа победата. Он однапред знаеше што ќе се случи, а сепак слезе од Небото на земјата. Знае и сè што ќе Му донесе оваа ноќ, а сепак љуби. Не бега, туку доброволно ја прифаќа чашата на страдањето и смртта – за да го победи гревот и да ја уништи смртта со Својата послушност на волјата на Отецот.
Ете, Јуда Му се приближува со бакнеж, а Он не го одбива. Јудиниот бакнеж ранува, а длабината на Христовиот поглед милува. Оваа средба можеше да биде поинаква. Можеше, ако Јуда се покаеше и се вратеше при Бога. Но, не! Пресечен од милозливоста во Христовите очи, Јуда наместо да побара утеха во сеопростувачката Божја љубов, тој заминува во смрт, одлучувајќи да ја предаде душата на ѓаволот.
Оваа длабока ноќ, срцата наши се на трпезата каде што Господ воспостави единство со човекот преку доброволното давање на Себеси – во лебот, во чашата, во љубовта. Го слушаме зборот „предавство“, кој не е само збор, туку меч што ја раскинува утробата. Го гледаме Оној Кој се предава за да нè спаси и занемено стоиме пред оваа глетка: не, љубовта не проколнува, туку продолжува да љуби.
Во благогласната тишина со која е опфатен бигорскиот храм на Претечата, се слуша само еден повик: да си ја разбудиме душата, за да ја чуе молитвата во Гетсиманија. Каде сме вечерва? Дали можеби сме со Него на трпезата, а со срцето далеку? Или само го примаме лебот, а не Го љубиме Оној Кој го прекршува? Дали спиеме додека Господ се моли за нас, или бдееме заедно со Него, со солзи во очите и страв во срцето?
Да не Го оставаме Сам оваа ноќ. Ниту во горната одаја, ниту во Гетсиманија. Да стоиме покрај Него. Да се стуткаме во Неговите прегратки како тогаш возљубениот ученик. Да Го слушнеме. Да Го љубиме. И да не се исплашиме кога ќе ја вкусиме горчливата чаша на нашите мали лични страдања. Зашто во неа не е само страдањето, туку и воскресението. Не е само жртвата, туку и љубовта до крај.
А токму денес, на Светиот и Велики Четврток, нашето монашко братство, заедно со многубројните верници што со вера и љубов пристигнаа во Светата Обител, мистично се најдоа на Тајната Вечера во ерусалимската Горница – преку Божествената Литургија што со молитвена задлабоченост ја тајноводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со бигорските свештенослужители. Во благодатниот простор на светилиштето, лебот и виното повторно станаа Тело и Крв Христови – за спасение на светот. Преку Трпезата на љубовта, се воспостави повторно онаа света врска помеѓу Небото и Земјата, помеѓу Бога и човекот. А веднаш потоа, преку Чинот на Елеоосвештението, милоста Божја се разлеа над сите присутни, како исцелителен елеј кој ги помазува раните на душите, дарувајќи им утеха, простување и надеж. И навистина, ноќта се претвори во светлина. Славата на страдањете ја озари црквата со спокојот на Божјата љубов. Христос беше меѓу нас. И нè љубеше… до крај.
