Чест и задоволство беше да се присуствува на одбележувањето на 135 години од раѓањето на светски познатиот охриѓанец, д-р Атанас Коцарев, кое се одржа вчеравечер во Скопје. Неговите научни онколошки достигнувања во една од најделикатните и најболни медицински сфери допринеле да се спасат многу животи и токму поради тоа сето она што ќе го кажеме за него е премало, недоволно, едноставно.
Со ликот и делото на д-р Коцарев, Охрид ја комплетира својата биографија како место од кое потекнуваат голем број истакнати великани, кои оставиле значаен печат низ неговото милениумско постоење.
Општина Охрид веќе отпочна низа подготовки и активности со цел името на д-р Коцарев да го добие своето заслужено место во мозаикот на непроценливи вредности, кои внимателно ги чуваме и почитуваме. Ќе поведеме иницијатива за соодветно обележување на родната куќа на д-р Коцарев во Охрид. Исто така во соработка со Министерството за образование планираме да поведеме иницијатива, во наставните програми за учениците да се изучува за неговите научни достигнувања.
Сите овие наши планови и активности нема да бидат комплетни ако тука не бидат вклучени и Франција и Швајцарија, неговите втори татковини каде по волја на судбината и животните патишта таму студирал, работел и ги создал неговите највредни наоди и научни трудови. Токму во таа насока, мојот тим веќе работи на усогласување на меморандум за соработка со општина Бонди, како прв чекор кон збратимување и воспоставување на партнерство помеѓу двете општини.
Нека му е вечна славата на д-р Анастас Коцарев кој спомен го чествуваме денес за да не биде заборавен и од идните генерации.
