АктуелноОхрид

Црвен крст Охрид: Како да се справиме со стресни и трауматски настани

Во секојдневниот живот, сите ние сме изложени на настани кои можат да ни ja променат реалноста преку ноќ. Понекогаш тие настани се предизвикани од природата — земјотреси, поплави, пожари, а понекогаш и од самиот човек — насилни смртни случаи, конфликти или други трауматични настани. Овие случувања, без оглед дали се природни или предизвикани од луѓето, имаат силен ефект врз нашата психолошка стабилност и може да нè доведат до различни реакции, како стрес, траума и криза.
📌 Разлика помеѓу стресни и трауматски настани
Не секој настан што го доживуваме е исто толку стресен за секого. Стресот се јавува кога луѓето го проценуваат настанот како закана за нивниот живот или благосостојба. Стресните настани, како што се губење на работа или развод, може да предизвикаат различни емоционални реакции, зависно од личниот контекст. Меѓутоа, одредени настани се универзални, како што се смртта на блиска личност или губењето на материјалната сигурност, кои за повеќето луѓе ќе предизвикаат стрес.
Кога настанот е посилен и надвор од границите на обичното човечко искуство, тогаш станува збор за трауматски настан. Траумата е многу подлабока и посериозна од стресот и има трајни последици на психолошкото здравје. За разлика од стресот, каде што реакциите се различни за секого, на трауматски настани сите реагираме на сличен начин. Првиот импулс може да биде физичка и емоционална вкочанетост, а потоа може да следуваат потешки посттрауматски реакции, кои се манифестираат во форма на постојано сеќавање на настанот и психолошки нарушувања како анксиозност, депресија и др.
📌Траумата и нејзините последици
Траумата носи сериозни последици. Личноста која ја доживеала може да стане агресивна, повлечена или да се потпира на неконтролирани механизми на справување, како што се алкохол или лекови. Таквите однесувања се само одбранбени механизми за справување со болката и стресот.
Трауматските реакции можат да се поделат во две фази: трауматски реакции кои се јавуваат веднаш по настанот и се однесуваат на чувството на загубеност и шок, и посттрауматски реакции, кои продолжуваат долго по настанот и се одразуваат како принудни сеќавања и повторно прераснување на емоционалните и физичките симптоми. Ваквите реакции го нарушуваат нормалното функционирање на личноста и може да предизвикаат трајно оштетување на менталното здравје.
📌Како да се справиме со кризата?
Многу често, кога луѓето се соочуваат со траума, околината има тенденција да ги ублажи нивните чувства со советите како: “Мораш да заборавиш на тоа” или “Нормално, такви работи се случуваат”. Но, овие советите не само што немаат ефект, туку го продолжуваат страдањето на личноста. Наместо тоа, важно е да се пристапи со емпатија, разбирање и поддршка.
Кризата, која се јавува кога личноста не може да се справи со последиците од траумата, е критичен момент кој бара интервенција. Во овој момент, лицето е на раскрсница помеѓу нормалната реакција и патолошката состојба. За да се спречи развој на потешки психолошки проблеми, потребна е специјализирана помош.
📌Кризна интервенција: Помош за личноста за време и после кризен настан
Кризната интервенција има за цел да им помогне на луѓето да го пребродат шокот и да се обноват по траумата. Постојат различни видови на интервенција во психолошка криза, како што е психолошката прва помош, која не бара стручни квалификации и која може да ја обезбеди секој поединец со висок степен на емпатија и разбирање. Психолошката прва помош е суштинска за обезбедување на поддршка во првите моменти по траумата.
Понатамошната интервенција вклучува и техниките како што се психолошки дебрифинг кој првенствено е воден од професионалци како психолози и лекари, а е насочени кон спасувачките служби (брза помош, пожарникари, полиција итн.) и психосоцијлна поддршка која има за цел да спречи долгорочни последици од кризата.
Трауматски кризи често се ненадејни и неочекувани настани и се надвор од вообичаените искуства – како трагедијата во Кочани.
📌Кризна интервенција: Основи на поддршка
Емоционалната поддршка е клучна, но таа треба да се дава внимателно. Непропорционалната утеха, како што е изјавата „Ќе биде добро“, или правењето споредби со сопствени искуства, може да ја влоши ситуацијата. Потребно е активно слушање и да се праша што точно му е потребно на човекот во тој момент.
📌Основните принципи за кризна интервенција:
1. Безбедност: Лицето треба да се стави во безбедна средина и да му се даде уверување дека е безбедно.
2. Основни физиолошки потреби: Понудете му храна, вода и друга основна физиолшка поддршка.
3. Емоционална поддршка: Внимателно и со почит, понудете му емоционална поддршка, без да вршите притисок.
4. Активно слушање: Прашајте што е потребно во тој момент, не претпоставувајте и не инсистирајте по секоја цена да се даде нешто.
Поддршка за родителите и блиски засегнати од трагедијата
Родителите кои се директно засегнати од трагедијата треба да добијат иста поддршка, со дополнителен акцент на нивната стабилизација. Тие треба да бидат активно слушани и обезбедени со основните потреби (храна, вода). Важно е да знаае дека не треба да се поставуваат непотребни прашања со кои би можеле да предизвикаме повторно соочување со болните спомени.
Метод за помош при панични напади и акутна вознемиреност
Еден метод кој помага при панични напади, но и кај акутна вознемиреност, е методот наречен Grounding. Оваа техника ги активира сите сетила за да се одвлече вниманието од вознемирувачката мисла:
• Нешто да се напиете или да каснете едно залче (вкус).
• Допрете некој предмет во близина (допир).
• Погледнете како изгледа времето надвор (вид).
• Слушнете звуци надвор или пуштете музика (слух).
• Мирисајте нешто во вашата околина (мирис).
Оваа техниката помага да се сврти вниманието кон сетилата и да се намали вознемиреноста.
Фази на соочување со трауматски настан
1. Шок и неверување (акутна фаза) – трае неколку часа до неколку дена.
2. Активирање на одбранбените механизми (за да се преживее) – оваа фаза трае од 2 до 4 недели.
3. Процесирање – обично трае од 1 до 3 месеци.
4. Реконструкција и прифаќање – од 3 до 6 месеци.
5. Прилагодување – после 6 месеци
📌Кризата и траумата се дел од животот, но тоа не значи дека мора да бидат трајно оштетување на нашиот ментален мир. Кризната интервенција и поддршката од најблиските можат да играат клучна улога во процесот на закрепнување. Важно е да се даде време за исцелување и да се пристапи со внимание и разбирање, бидејќи само така ќе можеме да изградиме посилна и побалансирана личност, која по секој потешки настан ќе може да се врати на патот на нормално функционирање.