Вчера почина Викторија Поп-Стефанија, позната и призната архитектка, родена на 13-ти јули 1945 година во семејство со богата творечка традиција во Охрид.
Матурира во охридската гимназијата „Свети Климент Охридски“ во 1964 година. Студирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а потоа и во Скопје, каде што дипломира во 1969 година на тема: „Духовниот и културен центар Свети Климент Охридски на Плаошник во Охрид“, кај проф. Борис Чипан.
Како бележит архитект со импозантен опус од околу триста проекти и студии, Викторија Поп-Стефанија ја збогати македонската и европската ризница со незаобиколни и архетипски вредности. Оригиналноста на нејзините креации е наградена со бројни признанија, меѓу кои најзначајни се: „Борбина плакета“ за хотел „Метропол“ во Охрид во 1975 година; „Специјално признание на БИМАС“ за реконструкција и ревитализација на „Рибен ресторан“ во Охрид во 1979 година и „Специјално признаниена БИМАС“ за ентериерното решение на хотелот „Молика“ на Пелистер, Битола во 1995 година.
Целиот опус на Викторија Поп-Стефанија е обележан од автентичен контемплативен однос кон православниот христијански светоглед. Таа е творец на просторни креации за обликување и воздигнување на храмовите: „Св. Димитриј Солунски“ и „Св. Григориј Палама“ во Струмица; „Св. Прохор Пчински“ во Мелбурн, Австралија; „Св. Богородица“ во Демир Хисар и др.
Покрај примарниот интерес за архитектонско проектирање, своето професионално знаење и искуство Викторија Поп-Стефанија го преточува и во две капитални теоретски студии „Логосот во архитектурата“ и „Обликот на храмот“ во кои таа, поаѓајќи од својот творечки опит, нуди промислување на архитектонските феномени со есеистички јазик.
Интересот на Викторија Поп-Стефанија беше свртен кон важните прашања на слободата во творештвото и односот кон традицијата. Таа особено компетентно го илустрира тоа во нејзината трета студија „Охридската урбана иконографија“, која претстои да се објави. Во овап оследно нејзино дело таа го анализира процесот на создавање на сликата на градот според универзалните и првообразни вредности, откривајќи ја логосната димензија на историското јадро на вечниот град Охрид.
ohridpress.com.mk
