Во организација на Школата Жесе де Форест (Jessé de Forest) од Авен сур Елп (Avesnes sur Helpe), Франција, од 20 до 24 јануари 2025 година се одржа третата транснационална тренинг конференција за генерирање на дигитални алатки за учење и одржливи практики во готварството, како дел од проектот SCOOK во рамки на акцијата КА220VET од Еразмус + програмата, а на која учествуваа професори и професионалци од повеќе високообразовни институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија.
Дел од оваа тренинг конференција беа и професорите од Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) од Охрид: д-р Климент Наумов и д-р Александар Трајков, кои се активно фклучени во реализација на проектните активности заедно со колегите од АТУ универзитетот во Голвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија и Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за биотехнички науки од Битола, Македонија.
На конференцијата се одржаа серија работилници согласно целите на проектот кој се вклопува со приоритетите на ЕУ за одржлив развој како дел од Агендата 2030 на ОН. Посебно внимание се посветува на одржливоста во секторот Хотели, Ресторани и Кетеринг, од сите делови на синџирот на храна: производство на храна, преработка и пакување на храна, транспорт на храна, подготовка на храна, отпад на храна и рециклирање.
Целта е да се подигне свеста за одржливоста и влијанието на животната средина врз синџирот на храна, пред се во институциите што едуцираат кадри од секторот хотели, ресторани и кетеринг. Резултатите од истражувањата што ќе се вршат во текот на проектот ќе се искористат за развивање на дигитални и други ресурси што ќе ја стимулираат дигиталната подготвеност во врска со одржливоста, а ќе се користат и во процесот на едукација на идни професионалци во гастрономијата и туризмот. Тимот од експерти веќе подготвува повеќејазичен прирачник за одржливост на синџирот на храна во 4-те партнерски институции. Оддржани се и серија од вебинари за тековните традиционални и иновативни практики за одржливост; а се креираат повеќејазични иновативни дигитални педагошки материјали за одржливи практики во кулинарството (на пр., видеа, игри, h5p содржина и сл.).
Тимот од Универзитетот Св. Климент Охридски Битола активно придонесува во подготовката на студиите и современите дигитални алатки што ќе се користат во образованието и обуките како дел од меѓународниот конзорциум на професори и експерти од повеќе образовни и тренинг институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија.