АктуелноОхрид

Бадник наговестувач на најрадосната вест за Христовото раѓање

Бадник или Коледе — денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткодневица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“

Обредните елементи и дејствијата коишто се поврзани со Бадникот и Божиќот претставуваат најбогат извор за севкупната согледба на старословенската митолошка мисла и нивното истражување поттикнува на заклучок дека тоа е празник кој во основа ги задржал впечатливите и најзначајните елементи на паганската мисла на словенските народи. Обредните дејствија и елементи за нивното исполнување кај Јужните Словени се со огромна разноликост, во зависност од подрачје, но во основа се сведуваат на многу слични обреди наследени од древните предци: сечење бадник, неговото внесување и палење во домот; подготовка на обреден леб кој го сретнуваме под различни имиња поскура, чесница, кравајче, погача и кој во речиси сите краишта се прави со паричка; „печеница“ – печено прасе (или друго месо) со кое се прекинува Божиќен пост; живописни ритуали кои слават семејство – култ на огништето, култ на предци и доаѓање на новото божество. Според различни истражувачи Божиќ се врзува за две старословенски божества Сварог и Световид. Во народното творештво се зачувани стихови „Сварожиќу мој Божиќу“ што упатува на изедначување на малиот бог Божиќ (христијански елемент) и синот на богот Сварог (пагански елемент).

Кога станува збор за обредните елементи сврзани со Бадниот ден и бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обредни дејанија кои се случуваат во поголем број на денови пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на божество (новото Сонце – новата година). Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат, од тој ден па сè до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвови на брда за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.

На ден пред Бадник ритуално се обавувале подготовки за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, којшто се нарекувал божја брада и се чувал врзан со црвени конци; се одбира домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божиќ, како и опрема за сечачот на Бадникот