АктуелноОхрид

(ФОТО) Богородичен Покров во Ростуше

Богородичниот плашт духовно исткаен од молитвите, љубовта и закрилата на Пресветата Божја Мајка денеска благодатно се спушти врз жителите на славна Река. Празникот „Покров на Пресвета Богородица“ го израдува ростушкиот сечесен храм на Царицата Мајка со Света Божествена архиерејска Литургија.

Дечињата христијанчиња од крајот со чистота на срцето го запеаја тропарот на празникот, вознесувајќи Му најчиста слава на Бога и на Неговата Пречиста Мајка. Камбаните весело биеја во пресрет на највозвишените моменти од богослужението, исполнувајќи го целиот предел со свештенотрепет. Мајката Божја и наша застапница достоинствено и светло се прослави во храмот издигнат над с. Ростуше како светилник на врв планина, како Богородична прегратка и покров врз селото.

Во таа Богородична прегратка се беше собрало сето монашко семејство на Старецот и Епископ г. Партениј, кој претстоеше на торжеството и тајноводеше со Божествената Евхаристија, како и Христијаните од крајот, а и од подалеку, кои притрчаа под покровот на Мајката Царица, која за сите нас е непосрамлива надеж.

Пресвета Дево, покриј нѐ под својот мајчински Покров и избави нѐ од секое зло за да те славиме во веки! Амин.

 

Бигорски манастир