АктуелноОхрид

(ФОТО) Дебарско кичевска епархија- Покров на пресвета Богородица

„Опкружувана од божествен сјај на ангелските воинства, и почитувана заедно со хоровите на пророците и апостолите, како Мајка Божја, посети не нас – твоите слуги, молејќи Го Христа нашиот Бог, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на празникот Покров на Пресвета Богородица).

На 14.10.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во придружба на протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, зеде учество во богослужбата во манастирот „Покров на Пресвета Богородица“ во Ѓунис, Р. Србија, а на која началстуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во сослужение на нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. Стефан, и повеќе архиереи и свештенослужители од двете цркви. Со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Роберт Илијевски отслужи света Литургија во капелата „Покров на Пресвета Богородица“ во Митрополитската резиденција во Охрид. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а во името на нашиот Митрополит Тимотеј, отец Роберт ја прочита беседата од Митрополитот упатена до верните чеда. Истата ви ја пренесуваме во целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Мајката Божја, Пресветата Богородица, да ни биде вистинска заштитничка и молитвеничка пред Бога исто онака како што на чудесен начин ги заштитила и жителите на Цариград пред повеќе од X века. Токму овој настан го славиме на денешен ден како празник наречен Покров на Пресвета Богородица. Денешниот празник на Пресвета Богородица со својата смисла и значење ни пружи разни поуки, а кои ние треба добро да ги запаметиме и да ги примениме во нашиот живот. Еве ја кратката историја на денешниот празник.

Во времето на византискиот цар Лав Мудри и на Цариградскиот патријарх Тарасиј, во втората половина на X век, се случило чудесно јавување на Пресвета Богородица во храмот Влахерна во Цариград. Цариград бил заобиколен од многубројна војска и според човечко гледање му немало спас. Но, патријархот Тарасиј и царот Лав го собрале народот на молитва во споменатиот храм, а таму Пресветата му се јавила на јуродивиот Андреј и на неговиот ученик Епифаниј. Овие двајца ја виделе Мајката Божја како го простира својот омофор и го заштитува Цариград од Сарацените. Градот и народот биле спасени, а непријателите се оддалечиле.

Ова чудо на Мајката Божја ни дава повеќе поуки. Најпрво нѐ учи дека искрената молитва е повеќе од потребна и дека е многу моќна, зашто Бог ја услишува само искрената молитва. Дали примерот на цариграѓаните не е најдобар доказ за тоа? Во моментот кога народот паднал на колена на молитва и со солзи повикал кон Бога за помош, се јавила Мајката Божја и им укажала помош. Ние често слушаме приговори од разни незналци и неверници дека молитвата не помага, па затоа и не треба да се молиме на Бога. Таквите луѓе го одрекуваат постоењето на Бога и на Божјите угодници. Не ги признаваат светиите Божји ниту Мајката Божја и, воопшто, се спротивставуваат на нашите застапници на небото. Таквите противници се хулители на Бога и тие прават голем грев пред Бога. Постојат Божји угодници, светители на небото, кои се наши заштитници и застапници во нашите маки и неволји. Нивната помош е брза и благовремена само ако искрено им се молиме и ако искрено се каеме за нашите престапи и гревови. Светителите биле луѓе како и ние, и го поминале целиот пат на земјата како и ние што го одиме. Тие ги преживеале сите потешкотии и ги претрпеле сите искушенија што и ние ги трпиме, и ги победиле. Па, затоа побрзо и полесно можат и сакаат да ни помогнат кога ги молиме за помош. Ние, поради нашите гревови, сме недостојни да очекуваме брза помош од Бога, додека светителите можат полесно да Го измолат Бога за нас. Тука е тоа големо значење на молитвата за нас, за што најјасно нѐ учи денешниот празник Покров на Пресвета Богородица.

Други, пак, прашуваат зошто е потребно да се молиме кога Бог и без нашите молитви ги знае нашите потреби? Но, за нас најсветол пример за молитвата е Самиот Господ Исус Христос, Кој полни четириесет дни се молел пред Својата проповед, а знаеме дека се молел на Својот Отец Небесен и низ сиот Свој живот. Бог секако знаел што Му е потребно на Христа, но, сепак, Христос се молел, а со тоа ни дал пример и ние непрестајно да се молиме. Дали таткото и мајката не знаат што им е потребно на нивните деца? Но, сепак, тоа не им го даваат додека децата не замолат за тоа. Мајката знае дека бебето треба да биде нахрането, но нема да го нахрани додека бебето не заплаче и не побара да биде нахрането.

Зошто честопати молитвата е тешка за нас? И тоа не само за нас обичните смртни луѓе туку таа знае да биде тешка и за големите испосници и духовници. Многумина се жалеле дека молитвата им е тешка. Еден голем духовник има напишано дека искрената молитва е тешка исто како и да се пролее крв. И, навистина, тешко е искрено да се молиме. А искрената молитва е онаа молитва која потекнува од длабочината на нашето срце, која е повик на целото наше битие кон Бога. За да биде секоја наша молитва таква, потребно е целосна концентрација. Потребно е сите наши мисли и чувства да ги упатиме во таа насока и да отстраниме од себе сѐ што нѐ опкружува и нѐ расејува, и што го оддалечува нашето внимание од молитвата. Затоа Господ Исус Христос вели: Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец (Мт. 6, 6). Значи влези во својата соба, односно влези во своето срце, и затвори се за надворешниот свет. Но, тоа не е лесно. Тоа е многу тешко. Ништо не е потешко за човекот отколку да ги држи своите мисли и чувства во потполна контрола. Затоа ние честопати читаме дека големите молитвеници се молеле: Собери ги нашите мисли, Господи. Но, ако ние упорно настојуваме да ги совладаме нашите мисли и чувства и да ги ставиме под наша контрола, тоа ќе можеме да го постигнеме со помош Божја.  Само тогаш нашата молитва нема да биде тешка, па дури и со саати да останеме на молитва.

Да се помолиме денес на Мајката Божја, таа да нѐ заштити со својот покров, како што го заштитила Цариград. Моќната рака на Мајката Божја да биде со нас во сите денови на нашиот живот. Амин.

Покров на Пресвета Богородица

Капела во Митрополитска резиденција „Покров на Пр. Богородица“ Охрид

14.10.2024 г.