Најзначајниот период во милениумското битисување на Македонскиот народ е неговото учество во четиригодишната народно-ослободителна епопеја во Втората светска војна, после која се поставени темелите на новата Македонска држава и се исполни сонот на многу генерации за создавање сопствена држава, напиша на својот ФБ профил градоначалникот Кирил Пецаков.
Во објавата градоначалникот додава:
Денес, во очи на 11 Октомври, Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор.
Во сите периоди на своето опстојување, Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја и неспорниот придонес во градењето на светската цивилизација. Во својот повеќе децениски слободарскиот од, градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кои го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на Сесловенскиот свет.
И покрај сите специфики на времето во кое живееме и сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме, градот успева да ја сочува својата одлика – да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура.
Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат.
Нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ.