Родум од Халкидон. Татко ѝ беше сенаторот Филофрон, а мајка – Теодорисија, обајцата благочестиви христијани. Ефимија беше прекрасна девица и по тело и по душа. Кога антипатот Приск устрои празник за жртвопринесување на Ареј во Халкидон, тогаш четириесет и деветмина христијани за да го одбегнат тоа скверно жртвопринесување се сокрија. Меѓутоа, ги пронајдоа и ги изведоа пред Приск. Меѓу нив беше и Ефимија. Кога надмениот Приск ги запраша зошто не ѝ се покоруваат на царската заповед, тие одговорија: „И на царската и на твојата заповед треба да ѝ се покориме, ако не Му се противи на небесниот Бог; ако пак се противи на небесниот Бог, не само што не треба да ѝ се покоруваме туку треба и да ѝ се противиме.“ Тогаш Приск ги стави на разни маки, и тоа деветнаесет дена по ред, секојдневно. Дваесеттиот ден ја одвои од останатите Ефимија и почна да ѝ ласка за нејзината убавина за да ја придобие за идолопоклонството. А, бидејќи сите ласкања пропаднаа залудно, заповеда да ја мачат девицата. Ја мачеа прво на тркало, но ангел Божји ѝ се јави и го искрши тркалото. Потоа, ја фрлија во огнена печка, но со Божја сила беше сочувана. Кога го видоа тоа, двајцата војници Виктор и Состен поверуваа во Христа, заради што беа фрлени пред ѕверовите и така славно го завршија својот живот. Потоа, Ефимија беше фрлена во ров исполнет со вода и со секаква отровна нечистотија, но таа ја прекрсти водата кога влезе во ровот и остана неповредена. Најпосле, ја изведоа пред дивите ѕверови, таа со благодарност Му се помоли на Бога и го предаде својот дух. Нејзините родители чесно го погребаа телото. Пострада во 304 година и се пресели во вечната радост. Се споменува и на 24 јули.