петок, ноември 15, 2024
АктуелноОхрид

Охриѓанката Наташа пронајдена мртва – се осомничен е таткото на нејзиното дете

Дочекаваме лоши вести, вели за „Фокус“ Милчо, таткото на 25-годишната Наташа Совраноски, чие тело било пронајдено во понеделникот во шумска област во близина на градот Штутгарт, Германија. Таа беше исчезната од втори септември.

Таткото, кој живее во Охрид раскажува дека се уште нема никакви официјални информации околу тоа што се случило со неговата ќерка. Вели дека телото е на обдукција, а тој се подготвува да замине во Германија каде живее мајката на Наташа, која е негова поранешна сопруга, но и двете сестри на Наташа, како и нејзината ќерка која нема ниту две години.

Според информациите кои се објавени во билтенот на германската полиција, се истражува дали се работи за убиство. Маж на возраст од 45 години бил осомничен за убиство од небрежност, и бил притворен.

Милчо вели дека со сигурност не може да каже кој е осомничениот, но верува дека тоа е партнерот на Наташа, кој е и татко на нејзината ќерка.

– Од она кое досега го знам, ја пронашле полициски службеници со кучиња трагачи и телото било непрепознатливо. Никому не беше дозволено да ја види. Сите сме во исчекување на официјални информации, и ништо не можам да тврдам со сто процентна сигурност. Ете, германската полиција бара сведоци, објавено е дека апелираат ако има сведоци кои виделе што се случило на втори септември во шумата, да се јават во полиција… Можам да кажам само дека ќе бараме правда, но и дека со мајката на Наташа ќе се бориме да добиеме старателство над нејзината ќеркичка. Јас дури и сакам да го донесам девојчето овде, да живее во Охрид, раскажува таткото.

извор: Фокус