недела, ноември 17, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Крстовден во Храмот Пресвета Богородица – Перивлепта, Охрид

„Денес четирите краишта на светот се осветуваат, со четирите краеви на Твојот Кртс, Христе Боже наш. Со него се издигнува и достоинството на православните христијани; со него се крши силата на непријателите. Голем си, Господи и чудесен во Твоите дела: слава Ти“ (самогласна стихира на Утрена на празникот Воздвижение на чесниот Крст).

На 27.09.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на чесниот Крст – Крстовден, во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата беше изнесен насреде храмот чесниот и славен Крст, дрвото од кое изникна спасението на човековиот род. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден од Господовите празници – Воздвижението на чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Он со трпение и смирение изодел многу долг и тежок пат во Својата слава. Неспоредливо тешко било и понижувањето на животворното Дрво, на кое Јагнето Божјо се приковало Себеси како жртва за нашите гревови. Спасителот на светот веќе бил на небото во славата на Отецот, додека орудието на спасението, Неговиот Крст се наоѓал сокриен во прегратките на Земјата. Славата на Распнатиот била веќе пренесена преку целиот свет, а за дрвото на Крстот ништо не се знаело, па дури и во краевите што биле блиски до Голгота.

Светот во голема мера сознал дека Крстот Христов е лудост за оние кои гинат, а симбол Божји за оние кои се спасуваат. Навистина, било потребно да се пронајде Крстот Христов и да се изложи во полза за оние кои го почитуваат и кои преку него се спасуваат. Царот Константин Велики, кој повеќепати ја почувствувал силата на Крстот, решил да го пронајде Крстот на кој бил распнат Господ Исус Христос. Најголема грижа за тоа примила неговата мајка, царицата Елена. На неа, како што вели еден црковен отец, Светиот Дух ѝ внел мисла, дека таа како рамноапостолна царица, а на радост на сите христијани, треба да ги направи сите можни напори да го пронајде Крстот Христов.

По совет на Ерусалимскиот патријарх Макариј, ги повикале сите стари луѓе од Јудеја и ги прашале каде го имаат сокриено Крстот Христов нивните предци. Одговориле дека никој од нив не знае, а дека само некој Јуда знаел. Овој човек бил незнабожец и ги одвел на Голгота и им го покажал местото каде што се наоѓал кипот на божицата Венера, и им кажал дека тука ќе го најдат Крстот на Исуса. Најпрво бил отстранет кипот на Венера и се почнало со копање и барање на Крстот Христов. После долго и упорно копање, и кога веќе почнале да губат верба во веродостојноста на сведочењето на тој Јуда, одеднаш се почувствувал необичен благопријатен мирис, што им ја повратил верата. Тие продолжиле да копаат и по некое време пронашле три крста. Сега се поставило прашањето кој од крстовите е Христов, а кои се од двајцата разбојници? Тогаш Ерусалимскиот патријарх Макариј ги понел трите крста кај некоја стара жена која била на умирање. Кога ја допрел со првиот ништо не се случило, а и со вториот немало никакви знаменија. Кога ја допреле со третиот крст таа веднаш оздравела. Потоа, носејќи ги трите крста, сретнале поворка на починат човек, па на ист начин го допирале со едниот и со другиот крст и немало никакви знаци. Кога го ставиле третиот крст умрениот воскреснал пред толку народ. По ова чудо сите Му оддале благодарност и слава на Бога, а чудотворниот крст го нарекле Христов Крст.

Крстот Христов потоа бил однесен на Голгота и таму бил изложен пред народот за почитување и поклонување. Но, местото Голгота е мало, а народ имало многу. Тогаш патријархот Макариј го зел крстот и се искачил на возвишено место и го издигнал крстот покажувајќи го на народот, а народот, пак, обземен од голема духовна радост извикал: Господи, помилуј.

Да се поклониме и ние денеска на чесниот и животворен Крст Господов. Да се поклониме со почитта и восхитот на верниците како во оној ден кога бил пронајден крстот, па со песни да речеме: На Твојот Крст се поклонуваме, Владико. Амин.

Крстовден

Храм „Пресвета Богородица“ – Перивлепта, Охрид

27.09.2024 г.