Во чест на празникот посветен на Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден, во свештената Раичка обител на светиот великомаченик Георгиј Победоносец, на 26 септември 2024 г. (четврток),
❈ Ќе се отслужи свечена и празнична вечерна богослужба, со почеток во 18:00 часот, на која молитвено ќе претстои Старецот на Обителта, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј. На крајот од вечерната богослужба, проследен од стиховите на празничниот тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот.
❈ Следниот ден, петок (27 септември), во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од Утрената, од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се поставува крстот од времето на игуменот Арсениј, со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. После чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос.
❈ Во 8:45 часот – пречек на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј
❈ Во 9:00 часот – Света архиерејска Златоустова Литургија
Дојдете сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни.
Бигорски манастир