Циклонската активност која е со центар над Италија, попладнево и вечерва, како и утре (вторник), во најголем дел од Македонија ќе донесе нови обилни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен ветер.
На повеќе места ќе има појава на посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд кој би можел да услови локални поројни поплавувања, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер и со појава на град. Апелираме во случај на појава на невреме, како и на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Локално повторно ќе наврне позначително количество на воден талог (над 20 л/м2). Сето ова очекуваме многу да помогне во гаснење и на останатите неколку помали пожари во Македонија.
И во Скопскиот регион денес попладне и навечер, како и утре (вторник) ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на невреме.
Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 34 денес, а утре (вторник) тие ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 32 степени. Во Скопје температурата ќе се искачи до околу 33 степени, најавува во најновата анализа метеопрогнозерот Славчо Попоски.