Волонтерите од оваа служба директно учествуваат во гаснењето на пожарот. Исто така, тие пружаат и логистичка поддршка обезбедувајќи и доставувајќи храна и вода до силите коишто го гаснат пожарот, како и транспортирајќи луѓе со теренски возила.
Имајќи го предвид бројот на лица вклучени во операцијата за гаснење на пожарот и комплексноста на ситуацијата на теренот, Црвен крст Охрид ангажираше и медицинска екипа којашто со амбулантно возило од утрово се наоѓа кај планинската куќа „Спиридон“ и е подготвена да дејствува доколку за тоа се јави потреба.
Покрај секојдневната битка со пожарот на Галичица, на 08.08.2024, Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид спроведе и операција за спасување на повредена жена којашто, планинарејќи на Галичица, се здобила со скршеница. Благодарение на ЦУК и на МВР, за реализација на оваа операција беше обезбеден хеликоптер за транспорт на повредената.
Црвен крст Охрид им изразува огромна благодарност на членовите на Планинската спасителна служба за посветеноста во справувањето со огнената стихија на Галичица, како и на другите служби и граѓани-доброволци коишто секојдневно се борат со пожарот.