петок, ноември 8, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Споменот на Светите Првоврховни Апостоли во Бигорски

Светата Црква Христова ги прославува оние, кои со сиот свој живот Го прославија Бога. Денес соборот на верните ги велича духоносните труби на Словото Божјо. Денес небесата ја објавуваат славата Божја и ликува за оние што Евангелската наука, радосната вест за Воскресението Христово и вечниот живот ги посеаја во душата на целото човештво. Сефалните и првоврховни Апостоли, Светите Петар и Павле, украсот на сета Црква Христова.

Таа свештена двојка Христови работници, кои Му послужија на Бога и Бог преку нив го разори суровото безбожие, ја изора стврднатата земја на човечките души, правејќи да процвета верата. Преку нивните зборови Светиот Дух ја собра Црквата, го утврди единството, ги собра распрснатите, немудртите ги научи на мудрост, простите ги наполни со знаење и на нивната духовна и телесна крв се втемели Црквата, која за аголен камен го има самиот Спасител и Господ Исус Христос. Светите Апостоли Петар и Павле иако биле различни по карактер, никогаш не си дозволиле тоа да биде пречка помеѓу нив.

Во средина постојано пребивал и пребива Христос. Он им бил изворот на ревноста за проповедање на Евангелието, Он им бил примерот за љубов во којашто живееле меѓусебно. Он им бил пофалбата и единственото богатство во животот. Нивните разлики, брзиот карактер на Св. Петар и ревноста за татковските преданија на Св. Павле, ги хармонизирале со љубовта во Оној Кој ги повикал, Оној Кој е Патот, Вистината и Животот. Угледноста и учноста на едниот и едноставноста и неукоста на другиот, но и во двајцата ревноста и љубовта за Бога, направија секоја човечка душа да се задоволи со потребното за спасение и живот вечен.

Нашата Свештена Бигорска Обител, празнувајќи го споменот на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, со благодарност и молива се собра во нивна чест и слава. Преку празнично богослужение, крунисано со Божествена Евхаристија, со претстојателство на нашиот возљубен Старец, Игумен и Епископ г. Партениј, со љубов го изврши празничниот спомен на врвот на Апостолите, Божествените благовесници.

На овој празник си спомнуваме и за хиротонијата во епископски чин на нашиот сакан Старец, и по тој повод, од името на нашето братство и сестринствата, нашиот собрат Архимандритот г. Доситеј му подари една архиерејска митра, која е белег на владичкото достоинство, а го означува трновиот венец на Господа Исуса Христа. Од сѐ срце на нашиот сакан Старец му ја честитаме годишнината и му посакуваме долгоденствие, сила и поткрепа одозгора, за да истрае во тешкиот подвиг, духовниот товар и големата одговорност пред Бога и народот.