Ќерка на сенаторот Просфор од Рим. За да избегне брак со смртен човек, си Го избра себеси Христа за вереник и се замонаши на Исток во земјата Асирска, во манастир каде што тетка ѝ Вриена беше игуманија. Лисимах, син на еден големец, имаше желба да се ожени со Февронија, но затоа што Диоклецијан наѕираше во него потаен христијанин, го испрати на Исток со чичко му Селин да заробува и убива христијани.
Селин беше суров како ѕвер, секаде немилосрдно ги убивашe христијаните. Лисимах пак, каде што можеше ги штедеше христијаните и ги засолнуваше пред својот ѕвероподобен чичко. Кога направи пустош кај христијаните во Палмира, Селин дојде во градот Сивапол, во чијашто близина имаше девствен манастир со педесет испоснички, меѓу кои и Февронија.
Иако имаше само дваесет години, во манастирот и во градот ја почитуваа Февронија заради големата кротост, мудрост и воздржливост. Во тој манастир го држеа правилото на блажената Платонида, поранешната игуманија на манастирот – секој петок го минуваа во молитва и во читање од светите книги, тој ден ништо друго не работеа. Од свештените книги, како што одреди Вриена, на сестрите им читаше Февронија, и тоа стоејќи скриена зад завесите за никој да не се замајува и плени со нејзиното прекрасно лице. Кога чу за Февронија,
Селин нареди да му ја доведат. Бидејќи светата девица не сакаше да се одрече од Христа и да се согласи на брак со смртен човек, нареди да ја шибаат, па да ѝ ги избијат забите, потоа ѝ ги отсекоа рацете, па градите, па нозете и најпосле ѝ ја отсекоа главата. Истиот тој ден мачителот го снајде ужасна казна: во него влезе демон и го обзеде некој смртен ужас, во тој ужас тој удри со главата во мермерен столб и падна мртов.
Лисимах нареди и телото на Февронија го собраа и го однесоа во манастирот, каде што чесно го погребаа, а тој и голем број од војниците се крстија. Од моштите на Февронија биваа многубројни исцеленија, а и таа се јавуваше на денот на нејзиниот празник и стоеше меѓу сестрите на своето вообичаено место додека сите сестри ја гледаа со страв и со радост.
Света Февронија пострада чесно и се пресели во вечното блаженство во 310 година. Во 363 година нејзините мошти беа пренесени во Цариград.