Со света богослужба, светење вода и сечење на славскиот леб, денеска во црквата „Свети Јован Владимир“ во струшкото село Подгорци беше одбележан верскиот празник посветен на светецот-заштитник на храмот.

На празничното чествување присуствуваа бројни верници од Подгорци и околните населени места, кои молитвено се поклонија пред светиот Јован Владимир, еден од најпочитуваните светители на овие простори.

По богослужбата и црковните обреди, во дворот на храмот беше организирана промоција на книгата „100 години Св. Јован Владимир“, чиј автор е отец Ристе Наумоски. Делото претставува значаен придонес во зачувувањето на духовното и историското наследство поврзано со храмот и неговото вековно постоење.

Промотор на книгата беше Никола Митровиќ, кој пред присутните се осврна на значењето на изданието, истакнувајќи ја неговата улога во документирањето на историјата, традицијата и духовниот живот поврзан со црквата „Свети Јован Владимир“.

Одбележувањето на празникот помина во свечена и духовна атмосфера, потврдувајќи ја длабоката почит што верниците од овој крај ја негуваат кон свети Јован Владимир и православната традиција.

















