АктуелноОхрид

Николоски: Уште првиот ден наидовме на пустош, но ветувам дека Кичево – Охрид ќе биде завршен до 2026-та година

„Не сакам да давам рокови, ние во нашата програма напишавме до крајот на 2026-та година, што мислам дека е реален рок. Јас секако ќе направам се заедно со мојот тим и заедно со новиот директор на ЈП за државни патишта, бидејќи сметам дека постојниот нема капацитет да го води тоа претпријатие“, истакна Александар Николоски, министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија, одговарајќи на прашањето кога ќе се изгради автопатот Кичево – Охрид.

Николоски додаде дека ќе се залага рокот за завршување на автопатот Кичево – Охрид да биде пократок. Тој потсети дека што изградбата на сите магистрални, регионални и експресни патишта и автопатишта е надлежност на ЈП за државни патишта. А, министерството е контролор.

Она што го знам и како мое сознание и што го видов денеска во министерството, бидејќи ова беше првото нешто што го побарав од вработените е дека имаат три проблеми, првиот проблем е со изведувачите, еден несериозен однос. Вториот проблем е имотно правни прашања односно прашањата на експропријација. И третиот проблем е проблем со свлечиштата или т.н. косини“, рече Николоски.

Тој посочи дека денеска видел една катастрофална постапка на проектот односно практично ништо не се работело. Се наиде на пустош, на една состојба за која што може слободно да каже дека е тотална неработа.

„Јас денеска испратив писмо до сите институции кои што се поврзани со министерството за транспорт вклучувајќи го и ЈП за државни патишта каде што барам написмено да ми дадат извештај до каде се со реализација на проектите и зошто проектите се закочени, појасни тој.

„Така се работи, а не со раскажување на состаноци, кажување и образложување на приказни. Потребни се факти кои што се ставаат на хартија и кои што си се архивираат за утре и следни генерации после нас да можат да видат и да споредат“, додаде Николоски.

Николоски истакна дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе направи многу за граѓаните.