Во текот на историјата и животот на Црквата, со цел запазување на православната вера, биле основани институциите на соборноста и на Пентархијата. Секоја Патријаршија се обврзала да пастирствува со конкретна област, што е одредена со соодветни повелби. Надвор од ова, Патријаршиите не можат да спроведуваат било каква власт или црковна дејност без претходно да добијат благослов од Патријархот на црковната област.
Еднаквите по чест старешинства биле основани на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, 451 година. Меѓу петте утврдени Патријаршии: Ерусалим, Антиохија, Александрија, Рим и Константинопол, последните две имале еднакви старешинства. Првенството на Константинопол било воспоставено во текот на историјата и одлуките на Вселенскиот собор не биле спорни во однос на тоа. По расцепот со Римската Патријаршија, Константинополската Патријаршија останува единствената Патријаршија во заедницата, на којашто и’ останува старешинството по чест.
Во првите четири века Римскиот (епископ) во структурата на Пентархијата, бил прв меѓу еднаквите и го имал старешинство по чест. Тоа старешинство му било одредено и на Вселенскиот Патријарх на Четвртиот Вселенски Собор. По поделбата, пак, на Црквите, Вселенскиот Патријарх остана единствениот кој го има тоа старешинство.
Првенството во Православната Црква има одредена функција и е поврзано со смислата на соборноста. Онаму каде што има собор, таму има и еден кој е прв, што повикува и претседава. Не постои собор без првиот, ниту пак, првиот постои без собор. И Римскиот Патријарх бил прв во рамките на Пентархијата и затоа Црквата го дарувала со некои уникатни надлежности, та сите прибегнувале кон него (за апелација).
Во оваа смисла, првенството функционирало како послушание во Црквата. За Источната Црква првенството останува суштинска вредност по послушание, каде што првиот е секогаш оној кој им служи на другите. Не првенство по власт, како што е кај Римокатолиците, каде што Папата е прв меѓу нееднаквите, епископ на епископите. Ваквото првенство е неприфатливо за православната еклисиологија…
Карактеристично е споменувањето на Томосот даден на Патријаршијата на Русија во 1590 година, каде што Константинополскиот (Патријарх) е заведен како „глава и почеток на сите Цркви“. Пишува: „Во царскиот град Москва исповедаме и извршуваме востановување и назначување на Патријархот, господин Јов, кој како глава и почеток го има оној кој е на Апостолскиот Трон – Константинополскиот – како и на другите Патријарси“.
Како што можеме да утврдиме старешинството по чест на Константинополскиот Патријарх било прифатено од сите помесни Цркви, коишто го сметале како почеток и глава. Старешинството по чест не е само едно просто предводење. Тоа има и свои надлежности. Двете суштински и неопходни функции на Вселенската Патријаршија се следниве:
Прво, привилегијата што ја има Вселенската Патријаршија да прифаќа апелациско прибегнување од страна на клирици на други помесни Цркви.
Римскиот епископ, со четвртиот и петтиот канон на Сардикискиот Собор во 343 г., го примил правото да пресудува случаеви од други Цркви. Со дваесет и осмиот канон на Четвртиот Вселенски Собор, каде што на Константинополскиот Патријарх му се доделуваат еднакви привилегии и чест, оваа привилегија, како и сите други, му била дадена и на Вселенскиот Трон. Но, за да не постои никакво недоумение во однос на темата за апелациско прибегнување (еклитон) и за прибегнатите кон Вселенската Патријаршија, истиот Четврт Вселенски Собор одредил и други два канони, деветтиот и седумнаесеттиот, со што го разјаснува ова право на Вселенскиот Патријарх да прифаќа апелација на прибегнати од други помесни Цркви. Нешто што и не би било неопходно, како што видовме, затоа што, штом ги примил еднаквите привилегии на чест, автоматски го прима и правото да испитува случаеви на други цркви, односно истите привилегии што Римскиот епископ веќе ги имал примено.
Оваа древна пракса на Црквата ја потврдиле и четирите Патријарси на Истокот во 1663 г. Значи, 1200 години по предавањето на оваа одговорност на Константинополскиот Патријарх. На прашањето на рускиот клир: „Дали на Константинополскиот Трон му припаѓа секој суд над другите цркви и нему му се предава секој предмет за крајно црковно решавање? – Патријарсите одговорија дека: „Оваа привилегија што му припаѓаше на римскиот папа пред да се отцепи од Соборната црква… Но сега, откако тој се отцепи, прашањата од сите Цркви се упатуваат до Константинополскиот Трон и од него добиваат решенија“. Целата пракса, значи, на Црквата низ вековите покажува дека Константинополскиот Патријарх ја има, покрај другите, и оваа одговорност. Сите предмети го наоѓаат своето крајно решение во Вселенскиот Трон, неотповикливо, откако ќе бидат спроведени во помесните Цркви.
Второ, сите понови Цркви ја примија својата автокефалност од Константинопол. Томосот за Автокефалија не е една билатерална согласност, туку едностран акт на Константинополскиот Патријарх, којшто на Црквите им бил даден не толку заради духовни причини – бидејќи не постоел проблем во духовното пастирствување на овие народи од Константинопол – туку им бил даден поради политички причини, за да можат овие држави да го уредат внатрешното функционирање на своите Цркви. Ова се случи при доделувањето на секоја автокефалија, без да има сеправославен Собор и на тој начин постана свештено предание и свештена пракса на Православната Источна Црква. Под светата, стабилна, неподелива, долговечна, црковна и сеправославна совест се има создадено црковен обичај којшто автентично го толкува ваквото право на Вселенскиот Патријарх еднострано да издава автокефалии.
Бигорски манастир