АктуелноОхрид

Охридските таеквондисти активно го промовираат овој спорт и во Ресен преку клубот Таеквон-до ИТФ клуб „Ге-Бек“

Со голема посветеност и ентузијазам, охридските таеквондисти активно го промовираат традиционалното таеквон-до во Ресен преку својот клуб Таеквон-до ИТФ клуб „Ге-Бек“ – Ресен.

Нивната мисија е да им овозможат на децата и младите од градот и околината да се запознаат со вистинските вредности на оваа боречка вештина – дисциплина, почит и самодоверба. Преку организирани тренинзи и спортски активности, клубот придонесува кон создавање здрави навики и правилен развој кај младите генерации.

Традиционалното Таеквон-до е боречка вештина со прецизна техника, насочена пред сè кон самоодбрана и контрола на сопствената сила. Таа има значајно влијание врз развојот на поединецот, преку негување на учтивост, дисциплина, самоконтрола и чесност. Како дисциплина, се одликува со брзи и разновидни удари со нога, што резултира со динамични и атрактивни борби.

Овој спорт е особено погоден за деца и млади, бидејќи придонесува за правилен раст и развој на телото. За време на тренинзите се активира целокупната мускулатура, се подобрува координацијата, рамнотежата и физичката издржливост. Покрај боречките способности, децата развиваат дисциплина и чувство за одговорност, што позитивно влијае врз нивните секојдневни обврски и однесување.

Најважно од сè е тоа што вложуваат во својот правилен раст, развој и здрав живот. Преку повторување на вежби и совладување на предизвици, се гради истрајност и самодоверба. Се развива уверување дека границите не се пречка, туку можност за напредок.

Секој спорт е корисен, а нема ништо подобро за едно дете од тоа да спортува. Преку спортот, децата се дружат, растат физички и ментално, и стекнуваат здрави животни навики. Затоа, секое дете заслужува можност да го проба Традиционалното Таеквон-до – бидејќи тоа е повеќе од спорт, тоа е начин на живот. Ако се двоумите – дојдете и пробајте.

Не е потребно претходно искуство, доволна е желбата за напредок. Понекогаш најтешкиот чекор е да се започне, а токму тој чекор е најважен.

Контакт Тренинзите се одржуваат во помошната просторија на спортската сала „Зоран Стојановски“ – Ресен. Контакт: Facebook и Instagram – Taekwon-do club „GE-BAEK“ Телефон: 077/543-879