Јован, или Иван Владимир, управуваше со областите Зета и Далмација, во втората половина на 10 век. По природа беше мирољубив, благочестив и добродетелен. Беше војсководец, но при тоа беше благ, редовно ги помагаше сиромашните и се одликуваше со длабоко познавање на Светото Писмо. Се грижеше за правилното исповедање на православната вера во народот, и многу еретици-богомили ги одврати од заблудата на ереста и ги врати во православната Црква.
Бугарскиот цар Самуил го нападна и го зароби, та го стави во затвор во Преспа. Ќерката на царот Самуил, Косара, им носеше милостина на заробениците, и така го запозна Јован Владимир во затворот и се заљуби во него. Измоли од својот татко да го ослободи од затворот, и Самуил тоа го направи, го ослободи Јован Владимир, му ја даде својата ќерка Косара за жена, и го врати повторно да управува со своето кнежевство. По смртта на царот Самуил, на престолот дојде неговиот син Гавриил Радомир. Но, неговиот братучед Иван Владислав го уби, и седна на престолот.
Сакајќи да се осигура дека Јован Владимир нема да се одмазди или да посегне по престолот, реши да го убие и него, и за таа цел испрати при него црковна делегација со која го повика да дојде во Преспа. Само што пристигна во Преспа, Иван Владислав го уби, отсекувајќи му ја главата. На ужас на убиецот, Јован Владимир ја зеде својата глава и носејќи ја во раце влезе во блиската црква каде што падна и ја предаде својата душа на Господа, на 22 мај 1016 година. Две години подоцна, Иван Владислав умре од страшна смрт, а неговото царство падна под византиско ропство 168 години.
Нетлените мошти на Јован Владимир, кои се прославија со мироточење и со извршување на чудеса, се наоѓаат во Елбасан, Албанија, а дел од нив има и во Охрид, каде што е особено почитуван, додека чесната глава негова е во манастирот Зограф, на Света Гора.
denovi.mk