Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Споменот на Светите Браќа Кирил и Методиј во нивниот скит во Битуше

Во пределот каде што започнува моќно да се издигнува импресивниот врв Крчин  во прекрасната зеленина среде планинскиот мирис и бучењето на водите што стрмно брзаат кон сјајната Радика, денес изобилно се спушти небесниот благослов на Светите сесловенски просветители, рамноапостолните Кирил и Методиј, врз литургиското собрание во храмот и скитот изграден во нивна чест, по молитвите, трудот и заложбите на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

Многубројните верници, заедно со монасите и монахињите на Владиката, кои со ревност и љубов се искачија на 1250 метри надморска височина, најпрво ја пречекаа иконата на Светите Кирил и Методиј, а потоа и Старецот, кој го започна празничното торжеството и претстоеше на Светата и Божествена Литургија. По завршувањето на богослужението со празнично коливо и осветување на вода, следуваа традиционални ора и песни, пратени со народни инструменти.

Блажениот спомен на нашите просветители, Светите Кирил и Методиј, за нас претставува богатство за душите, отворена прегратка Божја, просвештение и светлина несоздадена, небесна, Божествена. На овој ден го празнуваме Божјото озарение врз нас, што ни ги испрати овие великани на духот и разумот, кои нè приведоа кон богопознание.

Свети рамноапостолни Браќа, Кириле и Методие, благословете нѐ нас кои со љубов ве чествуваме и измолете просвештение за нашите души!

 

Бигорски манастир