АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светиот пророк Јеремија

Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Јерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци. На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т.е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Јерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Јеремија беше фрлен во затвор.

Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Јеремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот.

На царот Јехонија пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, што наскоро и се случи. Под царот Седекија, Јеремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Јерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Јерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските заробеници во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Јерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години – така и беше.

Во долината Тотеф, под Јерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Јеремија зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазедоа Јерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што пророкот го искрши оној лонец. Јеремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават – каде што умре Мојсеј – и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар.

Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Египќаните им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Египет. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Јеремија.

На наредба од Александар, телото на Јеремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. Египќаните речиси го обожаваа пророкот Јеремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснувања од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат пророкот Јеремија против змии.

denovi.mk