Светлата Седмица, благословениот Осми ден на Воскресението, го завршува својот календарски тек за оваа година, но не престанува јарко да им светли на верните од вечниот изгрев на Есхатонот. Во светлината на нејзините лачи, денеска, во Светлата Сабота, во Кнежинскиот Манастир над Кичево, се случи еден празненствен настан на велигденско веселие – настап на културно-уметничките друштва: „Бисер“, „Нико Пусоски“, „Младост“ и „Рацин“, сите од Кичево. Настанот беше организиран од благочестивиот г. Цане Ѓорѓиоски, основач на КУД „Бисер“, во знак на благодарност за неуморните трудови и заложби на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, за развој на духовноста меѓу младите во крајот. Тој тоа го напомена во своето кратко обраќање на почетокот:
„Христос Воскресе!
Многу ни значи поводот за кој се соединивме на овој ден! Победата над смртта, победата над злото – Победителот Господ Христос!
За сите добрини на нашиот Господ ние дознавме од еден Негов верен пријател и слуга – а тоа е Владиката на нашите срца, Епископот Партениј!
Во овој ден уживајте во плодовите на делата на Старецот Партениј, и ќе видите колку е добар Господ! Тоа што сме сите заедно, тоа што сме поврзани помеѓу себе повеќе од било каква земна врска, тоа што нашите срца живеат во радост и мир кој не е од овој свет! Посакуваме сите луѓе во светот да имаат ваков Татко и слуга – кој секој ден ќе се предава до крај на Бога и децата Негови.
Повелете и уживајте во програмата од сите културно-уметнички друштва на Кичево“.
Младите уметници настапија со изведба на следниве ора: „Ѓурѓовден“, „Радовишки собор“, „Раштак“, „Рудо јагне“, „Бувчанско“, „Мијачка“ и „Посеље“.
Денеска Кнежинскиот Манастирот, вгнезден меѓу природната убавина и духовниот мир, ги спои корените на минатото со плодовите на сегашноста. Културно-уметничките друштва од Кичево, со своите преубави народни носии, богато везени со мотиви што раскажуваат истории стари колку и самите древни манастирски ѕидини, со прекрасните ора, ги раздвижија тивките бранувања на ова свето место. Играорниот настап беше мост меѓу поколенијата, врска којашто ги спојува луѓето не само со нивното наследство, туку и со македонската земја што ги пораснала и одгледала.
Старецот Владика г. Партениј, како духовна врзивна алка на заедништвото, со својата татковска топлина и срдечност, ги благослови сите присутни, а најмногу учесниците, потсетувајќи ги на значењето на преданието и упорноста во верата.
Бигорски манастир