Во организација на НУ „Охридско лето“, а по повод големиот верски празник Велигден, утре во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот ќе се одржи Велигденски концерт на православна духовна музика со женскиот хор „Менада“ од Тетово под диригенската палка на професор Ивица Зориќ.
„Со овој концерт заокружуваме програмата која веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули- 20 август. Имавме прекрасни концерти преку цела година со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Хорот „Менада“ е основан 1981 година во Тетово и сите овие години е предводен од маестро Ивица Зориќ. На репертоарот на хорот редовно се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска акапела и вокално-инструментална музика. Хорот е добитник на многубројни награди и признанија во Македонија, поранешна Југославија и Европа, за што сведочат бројните настапи на фестивали, конкурси и концертни турнеи во Чешка, Полска, Шпанија, Шведска, Холандија, Данска, Португалија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Албанија, Романија, Бугарија,Турција, Германија, Грција, Словенија, Австрија,Белгија, Косово…..