Наш ИзборНаш изборОхрид

Чествување на Неделата на Свети Јован Лествичник: Патека кон духовно преображение

Oкрилени со силата на крстот, го продолжуваме своето искачување низ посните предели, до врвот каде што нѐ очекува радоста на Воскресението Христово и совршенството на Неговата божествена љубов. Токму затоа, Црквата, во оваа недела ни го предлага споменот и личноста на Светиот Јован Лествичник, како пример за тоа како благодатта Божја може обичниот човек да го претвори светилник на светот. Учејќи се од неговиот пример нѐ обзема радост и сѐ поголема надеж, за тоа дека Бог може со Својата сила и нас да нѐ направи садови на Својата слава. Затоа, во овој пост да започнеме да ги искачуваме тие небесни скалила што ни ги предлага Јовановата Лествица, како пат кон христијанското совршенство. Чекорејќи по овој пат што ни го покажа Светиот Јован Лествичник, ќе видиме дека во неговата личност имаме непогрешлив раководител, кој со своите татковски совети нѐ чува неповредени од секаква демонска сплетка и ни ја претставува духовната борба која пренесува од земното кон Светињата над Светињите и завршува во прегратките на Божјата љубов. Почеток на оваа борба е откажувањето од земното, а крајот Бог на љубовта.

За нас, пак, населниците на Бигорската Обител, нема поголем благослов и чест од евхаристиското сведоштво на евангелските вистини, особено кога тоа ни го сведочи нашиот сакан старец и игумен, Епископот г. Партениј. Такво блаженство за нашите души беше неговото денешно чиноначалствување со Божествената Литургија, во храмот преполн со богољубиви души. Духот на севкупното богослужение беше сосредоточен кон „грижливото и вистинско покајание“, коешто најубаво и надобро го опишува денешниот славеник, Преподобен Јован Лествичник во неговата бесмртна книга „Лествица“.

 

 

 

Бигорски манастир