АктуелноОхрид

Скопскиот суд се прогласи ненадлежен по однос на обвинението против Рамиз Мерко

Скопскиот Кривичен суд донел решение со кое се прогласи за ненадлежен да постапува по обвинителниот предлог против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и упатува дека по тој предмет треба да постапува локалниот суд, објави mkd.mk.

Во соопштението на Кривичниот суд се вели дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција ( КОК ) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против обвинетиот Р.М. од Струга за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, „донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и, предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга“.
Судот нагласува дека согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение ( КОК ) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице.

„Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во Службен весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ставот 4, судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член.

Со оглед на сето тоа стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, стои во соопштението на Основен кривичен суд Скопје.

Инаку, деновиве Обвинителството поднесе обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за злоупотреби на пари на Општината во вршењето на функцијата. Мерко за себе како градоначалник купил луксузна и скапа лимузина марка ауди и тоа во време на огромни долгови на Општината и со спорна одлука.

Против него се водеа и други истраги за можни кривични дела, но тие застареа. Обвинението доаѓа по краток период откако Рамиз Мерко американските власти го ставија на „црната листа“.

извор: mkd.mk