АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светиот свештеномаченик Климент, епископ Анкирски

Роден 258 година во градот Анкира, од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата благочестива мајка Ефросинија му прорече на својот син маченичка смрт и го остави овој свет кога Климент беше на возраст од дванаесет години. Нејзината другарка Софија го зеде Климент во својата куќа како сопствен син и го помогна неговото воспитание во христијански дух.

Климент беше толку прочуен заради неговиот добродетелен живот, што го избраа за епископ Анкирски во дваесеттата година од животот. Во младоста стекна старечка мудрост и со големо воздржание го скроти и победи своето тело. Се хранеше само со леб и зелје и не јадеше ништо заклано и крвно.

Во времето на Диоклецијан беше мачен толку страшно „како никој никогаш од постанокот на светот“. Во маки и затвори помина дваесет и осум години. Го малтретираа и мачеа единаесет разни мачители. Кога еднаш го удираа по лицето, го плукаа и му ги кршеа забите, му довикна на мачителот Дометијан: „Ми правиш чест Дометијане, а не ме мачиш, зашто вака беше биена устата на мојот Господ Исус Христос и вака Му беа удирани образите, а ти и мене недостојниот со тоа ме удостои“. Кога го доведоа пред царот Диоклецијан во Рим, царот постави на една страна разни орудија за мачење, а на другата подароци, одликувања, облеки, пари – сè што би можел еден цар да дарува, па му рече на Климент да одбере.

Христовиот маченик погледна на царевите подароци со презир и ги одбра справите за мачење. Беше неискажливо мачен: парче по парче месо му откинуваа од телото, така што коските му се проѕираа под месото.

Најпосле војниците го убија со меч, во 312 година, во црквата во Анкира, додека како архијереј служеше литургија. Чудата што ги изврши свети Климент немаат број.

denovi.mk