Наш ИзборНаш изборОхрид

Царските Часови – најава за Рождеството Христово

о своите преубави и боговдахновени богослуженија, Црквата Божја грижливо и таинствено нè воведува во великата тајна на Воплотувањето на Синот и Словото Божјо, очекувањето на народите, копнежот на срцата човечки.

„Бог од Теман ќе дојде и Светиот од гората со шума засенета. Ги покри Небесата добродетелта Негова и со восфалението Негово полна е Земјата. Болскотот Негов како светлина ќе биде; зраци во рацете Негови, во кои сокрил љубов крепка со моќта Своја“.

Во духот на овие старозаветни пророштва и на нивните новозаветни овистинувања, величествено исткаени со празничните песнопенија, утрово Бигорската Света Обител, на Божикните Царски Часови, Му оддаде слава и чест на Оној Кој доаѓа да се роди во Витлеем од Пречистата Дева Марија, за „порано паднатиот образ да го воскресне“.

Царските Часови пред Рождеството Христово се едни од најубавите богослуженија на Православната Црква, богати со духовна длабочина и мистичност. Затоа нашето монашко братство, по благословот на својот Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, ги отслужува со посебна љубов и посветеност. Собрани во молитва и благодарење околу Старецот, монасите и притекнатите верници со должна почит се подготвуваат за пречекувањето на Царот на царевите, прославувајќи ја Божјата љубов и милост кон човештвото. Царските Часови, тие божествени мигови, не само што ја осветлуваат историската вистина на Рождеството Христово, туку и ја откриваат вечната вистина на Христовата љубов, која е подарена на сите луѓе. Тие се еден вид покана за секој верник да го доживее Рождество Христово не како далечен историски настан, туку како жива реалност, која се обновува секоја година и секој ден во срцата и душите на оние кои љубат и се стремат кон врховната Добрина.

Во духот на претпразничното веселие, посебно место зазедоа најмладите од регионот, кои со пеењето на каландата Вечниот Бог го израдуваа нашиот возљубен Старец и владика, г. Партениј, и на сите ни Го најавија сесветлото Христово Рождество. Старецот ги пресретна во својот работен кабинет со голема радост и им подари Божикно пакетче.

„Денес се раѓа од Дева Оној Кој во рака го држи сето создание; во пелени, како овоземен, се повива Оној Кој е недопирлив по природа; во јасли легнува Оној Кој во почетокот со збор ги утврди небесата; од дојки се храни со млеко Оној Кој во пустината им пушти на луѓето манна; Мудреците ги повикува Младоженецот на Црквата; нивните дарови ги прима Синот на Дева. Се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе; се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе; се поклонуваме на Твоето раѓање, Христе, покажи ни ги и Твоите Божествени Богојавленија!“

 

Бигорски манастир