петок, ноември 15, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Доаѓа едно Рождество, различно од другите

Мислам дека не е благоразумно да фрламе анатема кон сите наши усилби да го сочуваме православниот пристап кон Рождеството Христово, кон тој празник, спасителен за светот. Сѐ е добро и благословено, сѐ додека не се претвора во догма и не Го става Христос понастрана. Украсите, божикното дрво елка, каландите, честитките, подароците, слатките, вкусните трпези со пријателите и блиските итн. – се нешто добро и благословено, кога доаѓаат од радоста што ја чувствуваме поради тоа дека Бог стана Човек.

Да ја имаме расудливоста, да се радуваме и да восприемаме сѐ, меѓутоа без да Го губиме Христос. Ако во овие денови останеме на јадењето, украсите, честитките и пригодното дарување, без воопшто да се задлабочиме во великиот настан на Воплотувањето на Бога Словото, тогаш навистина стануваме неблагоразумни и безрасудни.

Суштински е важно сите овие работи да бидат поврзани, односно да Го имаат Христос за извор, основа и цел.

Правилно го славиме Рождеството Христово кога Го имаме Христа во нашиот живот. И тоа не апстрактно, туку на конкретен начин. На начинот на Црквата. Со исповед, со присуство на богослужби и доколку можеме, со учество во богослужбените настани во епархијата, со учество во Телото и Крвта Господови во денот на Рождеството Христово; ако имаме благослов од духовниот отец, а не само затоа што сме постеле неколку денови, со читање на новозаветни текстови кои говорат за Рождеството Христово, со молитва.

Дури откако ќе го направиме сето тоа, доаѓаат и останатите нешта и го обликуваат тоа наше евхаристиско доживување, чиј извор е снисходењето на Бог, Кој станува Човек. Тогаш веќе го празнуваме Рождеството Христово, имајќи правилни приоритети и пред сѐ, духовна радост, која се изразува и на световен начин.

Тоа не е лошо. Лошо е да имаме световна радост која ја поистоветуваме со Рождеството Христово, сведувајќи го Раѓањето на Богочовекот на банкет, на кој, во најдобар случај, нѐ трогнува начинот на кој се родил малиот Исус и ништо повеќе.

Не е трогнувачки само начинот на раѓањето на Исус, иако и тоа нѐ поучува (на смирение, едноставност, љубов). Трогателен е самиот настан на Рождеството Христово. Трогателно е тоа што Бог го прими нашето тело, ја облече нашата плот, нашата крв и ни дава можност да бидеме богови по благодат.  Тоа би требало да ни го трогне срцето, да ни ги насолзи очите, да ни го прикова умот, да нѐ разобличи, да предизвика покајание во нас, да ни го скруши егото.

Бог стана Човек. Затоа се радуваме, затоа празнуваме, затоа се веселиме.

Но тие кои не веруваат дека Исус Христос е Богочовек и нивни Спасител, зошто ли се радуваат? Зошто си разменуваат честитки? Зошто прават празнични трпези?

Не, овој период не е тукутака неопределено празничен.

Знаеме зошто празнуваме. Затоа што малечкиот Младенец во Витлеем е Самиот Бог, затоа што Рождеството Христово означува Богочовек, затоа што Рождеството Христово означува Надеж, Мир, Љубов, вечно Спасение… т.е. Христос.

Проштавајте на сите, проштавајте на оние кои погрешиле малку, проштевајте на тие кои погрешиле многу. Тешко е кога забораваме дека овој живот е минлив. Доколку го насочиме умот кон вечноста, тогаш сè изгледа мало и бесмислено. Затоа не бараме правда во овој живот. Прошката е својство на смирените луѓе, кои бараат можности да го отворат срцето, а не да ги казнат луѓето кои навистина погрешиле.

Проштавајте на сите. Тоа не значи да бидеме во друштво со сите. Можеби нешто се случило и сме се оддалечиле едни од други. Но тоа е едно, а сосем друго е во срцето да таиме злоба и злопамтење. Ако стоиме далеку од другиот, тоа да се случува не бидејќи таиме злоба, туку затоа што нашето страдање се претвора во лекција и веќе држиме дистанца, за повторно да не се создаде проблем. Барем да можеме да простиме онолку длабоко, колку да немаме проблем повторно да сме заедно со човекот којшто згрешил кон нас. Но најмалото, да не таиме злоба – и тоа е нешто. Ако ни така не можеме да простиме, единственото во што успеваме е да го држиме срцето во смут и збрканост. Барем Рождеството Христово да нѐ најде со мир, согласие и љубов во срцата.

Доаѓа едно Рождество различно од другите. Рождество во молчанието на ноќта – без болка, без агонија. Доаѓа раѓањето на Смирението, Едноставноста, Кроткоста. Доаѓа Незлобието, Љубовта. Доаѓа бесшумно, без реторика, без банкети. Доаѓа, предизвикувајќи го светот да се разбуди од кошмарот на тлението.

Доаѓа, за да даде надеж на слабите, на измачените, на грешните.

Доаѓа Рождеството на Исус од Назарет во Витлеемската пештера.

Доаѓа Исус, Кој е Христос, Кој прави сѐ ново и засекогаш.

Доаѓа Рождеството Христово. Доаѓа Оној, Кој се роди од човек, но како Богочовек.

Доаѓа, за да остане. Доаѓа во еден свет кој ќе Го предаде, и ќе Го предава до крај. Но Христос не си оди, не нѐ остава. Јаслите Му се доволни, Крстот Му е доволен. Тоа не Му пречи, Он не се гневи, не прашува „Зошто?“.

Љубов. Ете го одговорот среде метежот на овој свет, среде гревот на созданието.

Љубов. Затоа дојде, затоа останува, затоа нѐ спасува.

Величието на Бога не е тоа дека се роди во една студена ноќ, во еден незначаен град, во некакви јасли. Величието на Бога е во тоа што реши да дојде на земјата, да стане Човек, колку и да Го чини тоа, за да го спаси човекот, за да го обожи Своето создание.

Честито Рождество Христово!

 

Бигорски манастир