Охрид

Изгласан буџетот на Општина Охрид вреден 1,65 милијарди денари

Советот на Општина Охрид денеска го усвои буџетот за 2024 година, проектиран на 1.656.675.214 денари.

Со буџетот за наредната година се предвидени средства за уредување на градежно земјиште, образование, спорт и рекреација, културни манифестации и творештво, млади и невладини организации, комунални дејности, инфраструктурни проекти…

– Оваа година сама по себе беше предизвикувачка и веројатно за првпат во историјата локалната самоуправа и секторите се сретнаа со еден ваков феномен, а тоа е дополнителниот прилив на средства коишто колку е добро, зошто од денешен аспект гласаме нешто што значи историјата за Охрид, а тоа е во првите два месеци од следната година раздолжување на Охрид, има и негативна страна дека бевме во тотална блокада последните два месеци, а повеќе од тешко беше да се функционира од јуни наваму, затоа и беа потребни толку ребаланси, рече градоначалникот Кирил Пецаков пред советниците.

За одредени проекти за кој беше прозвана локалната саоуправа од страна на опозицијата, Пецаков појасни дека реализацијата на проектите како патеката Охрид-Свети Стефан, реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ и катната гаража чекаат одобренија за градби. За најавената набавка на противпожарно возило рече ќе биде набавено преку средства од Бирото за регионален развој односно средствата што беа наменети за Општина Охрид ќе бидат наменети за набавка за возилото.

Што се однесува на соработката со централната власт, Пецаков истакна дека како Градоначалник ќе соработува со сите субјекти и институции од каде можат да се извлечат средства, како дел од процесот на децентрализација.

– Со раздолжувањето на Општината генерално ќе можеме да влеземе во една финална фаза на децентрализацијата, но тоа не зависи од нас како локална. Посебно сум горд со ЈП-ја, субвенциите се јавија како потреба поради зголемување на цената на елелектричната енергија и покачувањата на минималната плата. Силно сме фокусирани на функционални ЈП-ја. Првпат во историјата се случува да имаме приход скоро 3,5 милиони евра кои ќе се искорисат и за раздолжување и за капитални проекти, додаде Пецаков.

На денешната 36-та седница на Советот од советниците на опозицијата беа поднесени три амандмани, од кои беше прифатен само оној за физичко и патролно обезбедување на училиштата именувам како мониторинг и патролно обезбедување.

На седницата покрај програмите за јавните претпријатија за 2024 година, беа изгласани измените и дополнувањата на статутите на основните училишта, мерките за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, Стратегијата за развој на зеленилото, урбанистички одлуки, како и продолжување на работното време на угостителските објекти.