Наш ИзборНаш изборОхрид

За 7 до 10 дена ќе биде готов извештајот за автопатот Кичево-Охрид, информираше Бочварски

За седум до десет дена очекувам да биде завршен извештајот на Фидик експертот по што ќе се знае во која наоска ќе продолжиме понатаму со работа на реализација на проектот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, информира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање.

На почетокот на минатиот месец од ресорното министерство соопштија дека ангажиран е експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на Договорот за изградба на веќе историската автопатска делница.

– Она што го најавивме пред неколку недели, тоа е дека од страна на Фидик експерт ќе биде изготвен извештај, кој ќе биде доставен до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и заедно со министерството за транспорт ќе го приложиме до Владата. Во наредните седум до десет дена очекувам да биде завршен тој извештај и потоа да биде предаден на разгледување на седница на Влада, по што ќе имаме појасна слика во однос на идните чекори, изјави Бочварски.

Истакна дека нема дилема дека тој автопат мора да биде завршен, а за реализација ќе се користат буџетски средства.

– Не станува збор за никакво запирање на изградбата, но преку кои чекори ќе стигнеме до најбрза реализација, но притоа тој автопат да биде стабилен и безбеден за движење на граѓаните, тоа ќе ќе знаеме по извештајот на експертите. Тој ќе ги даде одговорите во која насока ќе продолжиме понатаму со работа на реализација на овој проект, додаде Бочварски.

Автопатската делница Охрид-Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, а цената од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

 

inpress.mk