четврток, ноември 28, 2024
АктуелноОхрид

Чингоски: Македонија опстојува во уништен, пропаднат, девастиран, политички, економски, правен, образовен, здравствен, социјален, етички, вредносен систем

Сакале да признаеме или не, Македонија опстојува во уништен, пропаднат, девастиран, политички, економски, правен, образовен, здравствен, социјален, етички, вредносен систем, вели познатиот охридски адвокат Владо Чингоски, во текстот објавен на неговиот профил на Facebook, во врска со немилите настани кои деновиве ја потресоа македонската јавност.

Текстот го пренесуваме во целост.

И да.

По свирепото, монструозно убиство на девојчето, но и на берберот од Велес, одговорноста ќе се индивидуализира и надлежните истражни, обвинителни и судски органи, притиснати од актелизираната ситуација, ќе донесат пресуди со најстрого пропишани казни и толку. Ќе се излезе со изјавите од типот ги фативме, ги осудивме и на граѓаните ќе им сервираат слика на агилност, професионалност, казнивост.

За тоа што, зад ваквите случаи, стои растурен систем, кој на големо ги продуцира ваквите монструозни дела, никој нема да каже нити збор. Нема никој или поединци, ќе спомнат за системскиот проблем и нефункционалната, не само правна држава, туку целата држава, а и тоа од платените медиуми, ќе биде насочено само кон сторителите, ќе бидат амортизирани и минимализирани сите напади кон системот, државата и оние кои ја водат државата, а токму таму е вината.

Сакале да признаеме или не, Македонија опстојува во уништен, пропаднат, девастиран, политички, економски, правен, образовен, здравствен, социјален, етички, вредносен систем. Систем, во кој идоли на младите генерациии им се дилерите (што и да дилаат), лесно спечалените пари (без оглед во која дејност), систем во кој родителите на своите дечиња им купуваат факултетски дипломи (од кога пред тоа ќе им ги купат средношколските дипломи, а може да полагаат правосуден испит и пред да дипломираат на некој од квази правни факултети во рамките на безбројните квази универзитети па и да докторираат). Систем, кој го контролира ЕУ и САД, за кои сме лабораториски, експериментални глувчиња и на кои вежбаат како би изгледал светот и какви реакции би имале граѓаните на одредени наметнати проблеми од нивна страна, за потоа таквите искуства да ги применуваат, онаму каде што е потребно. Систем, каде се што беше добро во сите сфери, уништија и како шаблон, се применуваат решенија, кои не одговараат нити на менталитетот на македонските граѓани, нити пак можат, по автоматизам да го прифатат. Систем кој прифаќа, се што ќе им наметнат од страна, систем без вредности. Систем во кој лесното богатење е филозовијата на животот, систем каде за елитата е дозволено се’, а неказнивоста на ГЛАВНИТЕ е правило. Систем на егоизам, лакомост, без емпатија, систем на безочност, понизност.

Не, ова злодело не може да се индивидуализира, ова дело е дело на системот во кој живееме и тој мора да се промени, не по теркот на надворешниот фактор, пред кој ја имаме не наведнато, туку скршено кичмата, туку по мерка на македонскиот граѓанин.

А тоа може да го направи само македонскиот народ и граѓаните.
Ако премолчиме, тогаш и ние сме соучесници во овој злостор.

извор: ФБ Владо Чингоски