недела, ноември 10, 2024
АктуелноОхрид

Sience X: Борбата за спас на охридската пастрмка

Покрај живописните брегови на Охридското Езеро, забрзано се одвиваат активностите во мрестилиштето Лин во Албанија, додека експертски тим се подготвува за испуштање на последните младици пастрмка за оваа сезона, пишува научниот портал „Сајенс иск“ (Sience X).

Мрестилиштето е специјализирано за одгледување „охридска пастрмка“ — автохтон вид во древното езеро што со години се бори за опстанок во услови на уништување на живеалиштата, прекумерен риболов и неконтролирано загадување.

Албанија и Македонија, двете држави што се граничат на Охридското Езеро, имаат потпишано договори за да се обезбеди нејзин опстанок, во услови на зголемен притисок од туризмот и интензивираниот развој на крајбрежјето.

Позната како „коран“ во Албанија и „охридска пастрмка“ во Македонија, Охридската пастрмка одамна е најпознатиот жител на кристално чистите води на езерото.

Не е важно како ја нарекуваат Албанците или Македонците. Сите се согласуваат: оваа риба, на која не и треба ниту пасош, ниту лична карта за да ги премине границите, е позната како кралицата на Охридското Езеро, едно од најстарите во светот“, вели рибарот Артан Мале.

Секоја грешка може да биде фатална

За да се одржи популацијата, албанските јавни и приватни организации ги интензивираа активностите, само оваа година да одгледаат 1,7 милиони младици.

Треба да се грижите за сè. Мора да ги почитувате распоредот и датумите. Секоја грешка може да биде фатална и може да доведе до смрт на малата риба“ вели Копи Бици, вработен во мрестилиштето.

Активностите за вештачко зголемување на популацијата на пастрмката долж албанскиот брег трае преку целата година. Од 1 декември до почетокот на март во Охридското Езеро е забранет риболов за да се спречи нарушување на циклусот на размножување на пастрмката.

Во тој период, група од околу 60 специјално обучени рибари се овластени да фрлаат мрежи за да помогнат во собирањето икра и млеч.

Измешан млечот со свежа вода ги оплодува јајцата“, вели Мартин Јаце од Здружението на рибари на Албанија.

Оплодената икра потоа се инкубира, по што следува мрестење на подмладокот, кои внимателно се чуваат шест месеци во свежата вода во мрестилиштето, пред да се испуштат во езерото.

Циклусот од јајце до новоослободена пастрмка е деликатно патување, процес што внимателно се следи, вклучувајќи контрола на нивоата на кислород, внесот на храна, се до температурата на водата. Но, сè уште постојат ризици од угинување на подмладокот.

Оваа година, за да произведат 1,7 милиони младици, фармерите и рибарите собраа 200 килограми икра само за да одгледаат три тона возрасни риби.

Нашите бебиња

Вработените од мрестилиштето во услови на обилни дождови се борат да ги испуштат одгледаните млади риипчиња во езерото.

Ова се нашите бебиња и тие треба да бидат во добра физичка кондиција за да го издржат својот нов живот во езерото“, вели Јован Бале додека собира младици од базените на мрестилиштето и ги става во пластичните садови полни со вода.

Рибите потоа се транспортираат до работ на езерото, се ставаат во чамец и потоа се пуштаат во подлабокото.

Тајмингот е суштински фактор за процесот – контејнерите со кои се транспортираат се исполнети си младици, што значи дека има малку кислород.

Тое е трка со времето, рибата мора да се ослободи многу брзо. Секое доцнење би било фатално. Ако водата се загрее и им снема кислород, тие умираат“, вели Јаце, нагласувајќи дека студените води во текот на октомври и ноември се оптимални за ослободување на мрестот.

Но, секој напор за зачувување на популацијата на пастрмката најверојатно ќе биде залуден ако не се решат основните прашања што им се закануваат на рибите и останатите 145 езерски ендемски видови.

Ако не сакаме засекогаш да ја изгубиме охридската пастрмка, треба да ги здружиме силите“, вели Блерина Туршина, готвачка во ресторан во Тушемиште на албанската страна на езерото.

Пастрмката останува кулинарски деликатес во регионот и привлекува туристи од цела југоисточна Европа кои сакаат да ја пробаат вкусната риба со црвени дамки, за која постојат гласини дека била меѓу омилената храна на упокоената кралица Елизабета Втора.

Печена на скара или пржена, со кромид, зачини и јаткасти плодови или со сос од бел лимон, [пастрмката] е крал на јадењата“, вели Туршина.

Во регионот каде национализмот тлее на тивок оган, честопати потеклото и чија е рибата е тема на расправи и дискусии, нешто на што Туршина и останатите се смеат.

Тоа не е важно. Тоа е охридската пастрмка“, вели Туршина.

Извор: „Сајенс икс“